А, таа насмевка беше најубава

Скршена од болка, се смееше. Се смееше гласно како нејзиниот свет да е преполна градина миризливи цветови. Пленеше со убавина, опиваше со гордост, одбиваше со високо дигната суета. Кој би помислил, нели. Кому би паднало на памет дека таа рана не заздравува. Кој би верувал дека после него не љуби. Ноќите и` беа непријатели, тогаш кога не гледаше никој, тогаш кога далеку од светот се гледаше во огледало. „Престанете, проклетници!“-молеше додека се слеваа солзите како водопад бришејќи ја секоја трага од шминката на радост. Тие некако не знаеја за доста. Тие не знаеја за верност. Тогаш како најосамена да беше. Ниеден странец во нејзиниот живот, ниеден пријател, ни љубовник. Таа и ноќта. И таа проклета ноќ која ја мразеше. Барем да сонуваше. Ама и сонот ист како на стара видео касета се моташе. Допир. Се наежува. Бакнеж. Близина. И очни капаци кои не сакаат да се разбудат во оваа реалност. Мораше да биде исто. Мораше да се буди пак. Да се нашминка во најубедливата насмевка, да се облече најубаво. Пак да излезе во градот. Срца да прободува како со нож, да сече, раната да ја дораскрвавува. Пак да ја бушави косата на најсилниот ветер. Дождот да го чека за да може да биде своја. Да и` биде единствен пријател кој плаче со неа. Да му се довери некому. И да се смее. На странци да се смее, на пријатели совети да дели.. Како сè со неа да е во ред, како да не сака да се заљуби пак, како да не го сака повеќе него. Името негово да го голта со горкото кафе, да го стега низ усните да не излезе..да не прелета таа сокриена љубов која како отров под кожата ја убиваше. Се смееше пак таа. За некого таа насмевка беше најубава, ама кој би знаел. Тоа беше скршена насмевка, болеше. Како со стакленца изрежана боцкаше. Мускулите и` се грчеа правејќи напори да ја изглуми. А потоа другите глумеа дека не се заносени од таа убавина. И никој не знаеше. И` завидуваа. И тоа како. Не знаејќи дека на болка завидуваат.

-Кристина Цонкинска, 2015

Прочитајте повеќе на:https://www.facebook.com/devojkatasoledenosrce




Коментари

коментари