Ако ме памтиш

Ако ме памтиш, нека биде тоа по нашата најубава фотографија, нека биде по најдолгиот бакнеж среде немирните езерски бранови. Памти ме по најискрената насмевка и поглед кога не можев да избегам сама од себе, па ти се враќав само тебе. Сеќавај се кога те оставав со солзи, а ти трчав во прегратки со насмевки. Памти ме по чекорите кои ги броев за што побрзо да стигнам до тебе. Чекај ги минутите кои јас ги преколнував да траат подолго секогаш кога мораше да заминеш. Ако се сеќаваш на мене, ако пред спиење не ти даваат мира прамените од мојата немирна коса кои некогаш ти моташе околу прстите, само затвори ги очите. Сонувај како што заедно сонувавме. Фантазирај како што заедно фантазиравме под небото ѕвездено броејќи ги деновите кои пребавно минуваа без тебе. Ако сјајот во твоите очи го засени мојата слика, сокриена во некоја одаја на твоето срце, избегај некаде далеку. Замини на еден ден и оживеј ги сеќавањата. Како во стар филм премотај ги годините на нашата љубов. Нека отчука часовникот. Нека се запише датумот, уште еднаш така неизбришливо. Ако ме помниш, запомни ме по добро. Не ја помни тагата во моите очи. Не се обвинувај што не си успеал среќна да ме направиш. Ме уништи, а сè уште се радувам за тебе. Ти немој да тагуваш, љубов моја. За мене годините лесно не минуваат. И ако ме чуваш како тој датум запишан на календарот од нашите срца, толку одамна.. Чувај ме сè уште. И никој, никаде, никогаш..нема да дознае.
Ако спомените не избледуваат, обои ги во црвено. Обнови ги. Нека заживеат. Дај им го сјајот на првата роза која ми ја подари. Ако се скршиш како нашето малечко метално срце, не ми се враќај мене. Не ми го враќај ниту срцето. Ќе погрешиш. Ти припадна еден ден. Твое стана. Сочувај го. И памти ме. И кога љубиш други мојот вкус чувствувај го, кога заспиваш до друга мојот мирис впивај го. Јас сум тука, а ти си таму. Болат спомените кога распарчени остануваат. Памти ме како среќа. Преправај се дека си ме заборавил. Најдобро е така, мили. За вистинските љубови не се зборува. За нив се молчи!! Тие не се спомнуваат никогаш, никому, никаде! Тие само го чекаат нивниот ден, датум, час..Да се исплачат.

-Кристина Цонкинска, 2015

-Прочитајте повеќе на: https://www.facebook.com/devojkatasoledenosrce




Коментари

коментари