Категории

Ако не си се вртел на кругот не си од Скопје – ѕирнете во Музејот на стари автобуси (фото)

Музејот на автобуси ја покажува историјата и развојот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“. Лоциран е во автобазата на претпријатието во Ѓорче Петров и содржи поставка од седум автобуси  од марките: „Лејланд“, „Санос“, „Раба“, „Ман“, „Икарус“. Овие автобуси превезувале патници во различни периоди, почнувајќи од 1969 година.Автобусите се изложени на отворен простор, оградени со специфична ограда, на површина од 650 метри квадратни.

Автобусите ја раскажуваат историјата на ЈСП „Скопје“

Стариот англиски „Лејланд“ е од 1969 година. Има поминато 1.050.000 километри и бил во сообраќај до 18 јануари 2012 година.

Има три автобуси од марката „Санос“ – првиот е единечен, другиот е двоен, како и туристички автобус со 39 седишта. Овие два „Саноси“ произведени во 1982 година имаат поминато најмногу километри. Двојниот поминал 1.450.000, а километражата на единечниот застанала на 1.950.000 километри.

Во базата има два автобуса од марката „Икарус“, произведени во 1987 и во 1991 година. Двата поминале повеќе од милион километри пред да се пензионираат во 2012 година.

Во секој од автобусите има поставено табла со податоци за техничките карактеристики на возилото, датум на производство и поминати километри.

Сите автобуси во возна состојба

Претходно, сите автобуси биле репарирани. „Лејландот“ комплетно бил репариран во 2007 година за 60-годишнината на ЈСП „Скопје“. Другите автобуси имаат обновена каросерија и нови гуми. Нивната состојба секојдневно се следи. Од време на време се чистат и се мијат од надвор и од внатре, во зависност од временската состојба. Поинаква заштита нема.

Во иднина,  можеби по 10 години, во Музејот ќе се најдат и сега новите украински автобуси „Лаз“, како и двокатните кинески возила од „Јутонг“.

Бесплатен влез во Музејот

Старите автобуси може да ги види секој заинтересиран, бидејќи се изложени во автобазата, само претходно мора да се најави на телефонот 2041-581. Влезот е бесплатен.

Извор : skopjeinfo.mk

Прегледи:
742
Објавено на:
14.01.2017