Категории

ИНТЕРВЈУ СО МАРКО НОВЕСКИ: ВЕЌЕ 9 ГОДИНИ СУМ ЗАЉУБЕН

Нина: Имаме нова свежина во етерот. Освен како телевизиски лик, сега публиката ќе може да те слуша и на Метрополис радио. Како се снаоѓаш на ова поле?

Mарко: Почнав негде пред 10тина дена. Супер ми е на Метрополис радио. Морам да си ги пофалам уште на почеток колегите и колешките што многу ми излегоа во пресрет. Искрено ми помагаат и се надевам дека во брзо време ќе се вклопам во целата работа и нема да ги оптеретувам повеќе. Сега за сега ми е супер, многу ми е поразлично од телевизијата. Навикнат бев на тој однос со камерата, како да разговарам со човек и сега одеднаш немам никој пред мене и многу ми е чудно.

Нина: Каква емисија водиш на Метрополис радио?

Mарко: Ја водам емисијата „Сказалки“ и кажуваме тековни интересни информации, но не од оние како на пример за Јелена Карлеуша што облекла денеска или каде била, во кое кафулево Белград итн., туку некои интересни, еве ќе ги наречеме „андерграунд“  информации. Денеска конкретно зборував за 20те работи што секојдневно не опкружуваат, а не знаеме ништо за нивниот настанок.

Нина: Дали постои нешто на што се каеш?

Mарко: Искрено не постои такво нешто. Не знам, може за некои работи, но сега толку не ми се важни што не ми ни текнува на нив. Не се каам, во принцип се прилагодувам и да ми се случи  нешто, па и да направам некоја глупост што не ми оди во прилог. Се адаптирам и одам понатаму.

Нина: Важиш за исклучително позитивна личност во ова време – невреме. Како ја одржуваш таа енергија?

Mарко: Едноставно сум таков човек. Не знам, гледам секогаш како на онаа поговорка, кога некој ја гледа чашата како полупразна, а некој како полуполна. Кај мене е секогаш полуполна, не ја гледам празна. Едноставно уживам во животот, се радувам на секој ден и така ми доаѓа. Опкружувањето од моите пријатели, од дома, од моето кученце Алва, од сите нив ја црпам енергијата.

Нина: Што ти пречи најмногу кај луѓето?

Mарко: Лицемерието отсекогаш ми пречело , некултурата, непочитувањето еден со друг, себичноста. Јас сметам дека сите сме едно големо семејство, барем да не претерам во светски рамки сме едно големо семејство, но држава како Македонија со малку луѓе, навистина сме како семејство. Многу ми пречи лошиот однос. Доволно е на еден човек еве наутро да му се обратам со едно „Здраво, како си?“, да не ми врати и да ми го скрши цел ден. Во принцип сум емотивен човек, ми значи добродушноста кај луѓето.

Нина: Дали Марко Новески е заљубен?

Mарко: Да, веќе 9 години (се смее). Па, и повеќе години, одамна ја знам девојка ми. Да, заљубен сум во Софија (се смее). Таа е тотална спротивност од мене, тотално различни. Кога сме надвор, јас сум јас, кога сме пред луѓе, таа е така мирна, тивка, повлечена, а кога сме дома или кај некои пријатели она е таа што повеќе крева врева, повеќе збори. Јас едноставно тогаш сум релаксиран и одморам. Така се надополнуваме во секој поглед.

Нина: Без оглед на љубовта која ја имаш, па и се наоколу. Дали си навистина среќен со себеси?

Mарко: Во принцип сум среќен, онолку колку што дозволува денеска времето.  Не сакам да навлегувам во политика, иако е тоа некако многу актуелно сега. Среќен сум, но многу работи влијаат во модерниот начин на живот. Од многу работи зависиш, па и од тоа среќата ти зависи за жал. Да не се лажеме. Ако немаш пари денес да се прехраниш, да си купиш нешто, не можеш да бидеш среќен. Значи ако гладуваш не можеш да бидеш среќен, ама во принцип сум среќен и многу реален човек.

Нина: Ти си еден од оние луѓе што не можеме да ги забележиме со автомобил. Ти спортуваш.

Mарко: Си вежбам по овие шипкиве што се по кеј (се смее). Возам велосипед и тоа е моето превозно средство веќе три години. Буквално не сум влегол во автомобил, но еве сега викендов бев до Маврово со автомобил, ама и тогаш не возев, туку ме возеа. Инаку, избегнувам автомобил и веќе кога не можам негде да се движам со велосипедот, искрено би одбрал автобус – јавен превоз или такси, доколку имам пари (се смее).

Нина: Дали има нешто што јавноста не знае за тебе, а е воедно интересно?

Mарко: Сите ме сметаат како авантурист кој не се плаши по планини да оди, да прави и разноразни глупости. Еве ќе ви откријам на сите дека имам страшна фобија од висини. Иако, другарите пробуваат да ме одвикнат од тоа. Ме тераа да одам на вештачка карпа, бев неколку пати да се качам и уште да повратев и тоа ќе беше тоа (се смее). И уште едно нешто ќе откријам.  Секогаш кога излегувам на телевизија, иако тоа никој не го приметува, имам огромна трема. Тоа никој не го знае. Го надминувам тоа со дишење и се концентрирам на тоа што треба да го кажам, таму ми е фокусот. Инаку, ако се обраќам пред поголема публика и погледнам низ неа, во тие моменти јас мислам дека во несвест ќе паднам. Искрено, првите 5 минути си ставам некоја блокада пред очи, како ништо да не гледам. Јас гледам накај публиката, ама не перцепирам ништо. Текстот ми е пред очи, тоа што сум наумил да го кажам го кажувам и таков ми е стартот. Па и на испити кога одев порано имав многу трема и јавно да настапувам, посебно пред повеќе колеги. Искрено, се прашувам како се најдов во телевизија со толку трема.

Нина: Кога веќе ја спомена телевизијата, како всушност тебе те пронајдоа?

Mарко: Морам тука да ги поздравам луѓето од Томато продукција. Ме најдоа случајно. Ме покани една другарка да ја водам „Игри без граници“, манифестација на една наша компанија, беше за млади луѓе и за секој кој сака. Мислам дека тогаш првично им беше планиран Дејан Лилиќ да го води тоа, но во последен момент им откажа и една другарка ми се јави и ме покани. Прифатив, отидов и таму ме приметија. Еден голем поздрав до Слаѓан, Џастин и Бане. Ме викнаа тогаш да дојдам во Томато, ми понудија соработка и прифатив, но им реков да не бараат од мене да се менувам зашто јас не сум тој. Ако ме прифати публиката, ме прифати, ако не ништо. И така почна се, се уште трае и многу ме радува.

Нина: И за крај, една порака до читателите на Среќа.мк.

Mарко: Едноставно да си бидат свои, да бидат среќни, како што впрочем вели сајтот Среќа.мк. Моето мото е „Смеј се, пеј и се е океј“ (се смее). Се шалам. Сакајте го животот, сакајте ги луѓето, животните и ќе ви биде најубаво!

Фотографија и текст: Николина Славковска

Прегледи:
2192
Категории:
Секојдневие
Објавено на:
04.05.2016