Јас го живеам овој живот за никогаш да не ја заборавам

„Лоша си“- и` викав. Таа како и по обичај ќе се налутеше, грбот ќе ми го завртеше, а јас повлекувајќи ја кон себе секогаш успевав да ја натерам да се изнасмее до солзи и сè да ми прости. Таа всушност беше ангел. За мене беше и лоша, можеби најлоша..само тогаш кога јас бев лош спрема неа. Можеби затоа ја ценев, можеби затоа и` придавав толкава вредност во моите очи која полека згаснуваше со зголемувањето на нејзината посветеност кон мене. Таа ми враќаше за сè. Единствена жена беше. Единствена која ме казнуваше за секоја направена грешка. Сигурно затоа стана толку посебна. Сигурно затоа се плашев да не згрешам. Ама, грешев. Многу грешев.. Заради неа почнав да ги ценам деталите, малите гестови со кои и` го покажував своето внимание. Се променив. За другарите станав папучар, за другарките недостапен, за девојките зафатен, за неа единствен. Но, проклет да бидам..јас неа не ја сакав. Јас ја сакав секоја друга која беше во мојата близина додека таа беше далеку од мене, а и од себе. Молев за внимание, плачев за поглед, тагував за бакнеж секогаш кога бев без неа. Тоа нејзино отсуство како да ме убиваше по малку. Сакав да бидам сечиј, бидејќи нејзин не бев, бидејќи денови броев за да ја видам, зашто бев љубоморен на секој друг кој ја гледа. Му завидував на секој кој случајно ја допира, се препотував од помислата дека можеби туѓ бакнеж чувствува. Тоа ме убиваше. Таа далечина ме уби и мене и неа, другар. Не уби и двајцата. Не распарчи, раздели. Не знаев тогаш дека таа е слепа за секој друг освен мене. Не знаев дека е стакло-не знаев дека ќе се скрши на милион делови ако ја повредам. Мислев дека јас ќе се распарчам. И не згрешив. Се измачкав во крвта на сопствениот удар, се обвив во црнилото на сопствената несреќа. Се сменив повторно. Оваа промена ме дотолчи. Ја дотолчи и неа. Нè дотолчи нас. Крајот се врза јазол со јазол. Јас мислев дека ќе ја заменам барајќи некоја која слично бакнува на неа. И во толпата барав нота од нејзиниот парфем. Пробував други девојки, па ги фрлав во отпадот на мојата празна душа. Ниедна не беше слична на неа. Сакав да престанам, ама продолжив. Продолжив да нуркам во брановите на сопственото немирно море. Мислев никогаш нема да дознае. Мислев ќе се спасам. Ама совест, другар. Најлош учител за ненаучената лекција. Ја пуштив без објаснување. Ја оставив без збор, а милион гласови врескаа во мене дека таа е единствената. Го сврте грбот и никогаш повеќе не погледна назад. Тогаш ми навреа сеќавањата. Тогаш почнав да мислам дека фаќајќи ја за половината ќе и` измамам насмевка и сè ќе ми прости. Ама не беше таа слика реална. Веќе немав право. Немав право ниту да ја погледнам, ниту да ја допрам..Стана дива, недопирлива. Исчезна. Се оттуѓи. Успеа. Ми врати за сè. Ми докажа колку е поспособна од мене, преболе. Или можеби не, ама така изгледаше. Почна одново. Некогаш беше лоша. Сега е најлоша. Единствената која ми дозволи да потонам во калта на сопствената немоќ. Единствена беше другар. И остана. Остана единствена која никогаш нема да ја заборавам. И сите пред неа, и сите после неа се неважни. Ме разбираш? Јас го живеам овој живот за никогаш да не ја заборавам..

-Кристина Цонкинска, 2015

Прочитајте повеќе на: https://www.facebook.com/devojkatasoledenosrce




Коментари

коментари