Како е да сакаш луѓе кои не се сакаат самите себеси?

Како ти текна мене да ми го поставиш ова прашање.

Како е да сакаш луѓе кои не се сакаат самите себеси?

Како е да сакаш да ги мразиш е подобро прашање, според мене.

Како е да сакаш да ги убиеш бидејќи тие те убиваат тебе со својата ладнокрвност.

Како е да сакаш да ги распарчиш нивните срца и да ги фрлиш во ѓубре, знаејќи дека тие тебе те гледаат како ѓубре.

Секогаш го гледаат она што сакаат да го видат.

Ја гледаат твојата љубов кон нив како слабост да те убијат со неа.

Ја гледаат твојата посветеност кон нив како дупка во која може да те закопаат, не дозволувајќи ти повторно да се посветиш на себеси, никогаш.

Добро.

Не никогаш, но барем се додека си во нивна близина.

Хеј.

Знаеш тие дури и ќе те научат дека никогаш и секогаш имаат рок на траење.

Никогаш ќе се повторува секогаш кога ќе ги оставате, а ќе ве убедуваат дека никогаш нема повторно да ве побараат.

Секогаш исто така ќе се повторува кога ќе им се вратите во прегратки од сожалување, повторно убедувајќи ве дека секогаш ќе бидат покрај вас, во добро и во лошо, во среќа и во тага, во светлина и во темница.

Но, ништо од тоа нема да се оствари.

Доброто ќе го претворат во лошо, тие баш тие кои ги сакате, а не се сакаат самите себеси.

Среќата ќе ја претворат во несреќа, донесувајќи тага во вашиот живот.

Додека пак кога има светлина, ќе ја исклучат сијалицата знаејќи дека се плашите од темницата и нејзиниот морничав поглед.

Подобро би било да ви ветат дека ќе останат со вас во рај и во пекол, претворајќи го рајот во пекол, а пеколот во вашиот живот.

Бидејќи тоа ветување сигурно ќе го остварат.

Ете така е да сакаш некого кој не се сака самиот себеси, ете така едноставно, нели гледаш?

Толку едноставно, што таа љубов кон нив ќе те натера да се мразиш самиот што ги сакаш.

Жива Меѓу Мртвите


тагови


Коментари

коментари