Категории

Книга на неделата: „Странецот во мојот дом“ нова книга на популарната британска авторка Адел Паркс

После „Мажи“, „Чевлите на другата жена“ и „Game over“ македонската читателска публика ќе има можност да чита уште една книга од популарната британска писателка Адел Паркс.

„Странецот во мојот дом“ промоцијата ќе ја има неделава, а е во издание на Култура.

 

Адел Паркс е совремeна англиска писателка, родена во 1969 година во Англија. Дипломирала на Универзитетот Лестер, каде што студирала англиски јазик и книжевност.

Aдел од секогаш сакала да стане писателка. Од нејзините изданија, три милиони копии се продадени и преведени на 26 различни јазици. За седумнаесет години има објавено седумнаесет романи и нејзиното име се има најдено на сите листи за најпродавани книги.

Има напишано 15 современи романи и два историски, „Резервни невести“ и „Ако одиш“, чие дејствие се одвива за време и по Првата светска војна.

Сите нејзини романи обработуваат проблематични прашања од животот кои се од големо значење за сите нас како што се љубовта и сите нејзини аспекти, семејството и родителството, но и верноста, чесноста и хуморот.

Нејзината последна книга „Странецот во мојот дом“ го поставува прашањето:

Што би сториле ако откриете дека детето што го чувате сиот свој живот не е ваше?

Приказната е за Алисон која е среќна и ужива во тоа. Таа има живот што отсекогаш го сакала, вклучувајќи го и среќниот дом со Џеф и нивната брилијантна, весела тинејџерка, Кетрин ‒ апсолутен центар на светот на Алисон.

Едно тропање на вратата ќе го прекрати нивниот среќен живот засекогаш. Ќерката што ја донела дома не е нејзина.Кога имате сè за што сте сонувале, во еден момент можете и сè да изгубите

Сосема убедливо, новиот современ роман на Адел Паркс, „Странецот во мојот дом“, ќе ги фасцинира нејзините обожаватели, заедно со читателите на Лиане Мориарти, Лиза Џувел и Шари Лапена.

Промоцијата на романот ќе се одржи во среда на 21-ви февруари, во книжарницата Култура, а читателите само на денот на промоцијата ќе можат да ја купат новата книга на Паркс со промотивна цена.