„Кога тој ќе замине“

7d63890a51e9571a598c02d8fef835a2Знаеш ли што е најтешко кога ќе замине?
Правот на неговото отсуство кој ти се лепи под прстите,го има насекаде.. На рачката од вратата каде го остави студениот допир и последниот поглед кој никогаш не го префрли преку рамо за да те успокои со цинична надеж. Перницата која стои исфрлена на подот и ги упила сите врисоци од напуштените ноќи. Оној шум на радиото и копчето за станиците кое упорно го притискаш се додека не наидеш на некоја песна доволно силна да те турни на колена додека во дланките ја стегаш неговата кошула. И кога ќе погледнеш околу себе сфаќаш дека дури и тишината ја има истата боја како и неговиот глас и секогаш кога ќе се соочиш со неа чувствуваш како да ти гасне жарови од цигари по кожата.
Понекогаш се будиш како во делириум мислејќи дека сето тоа било само сон и трчаш во другата соба да му раскажеш но потоа сфаќаш дека правот на неговото отсуство те затрупал толку длабоко што ни самата не знаеш како да се извлечеш.. И понекогаш се затекнуваш себеси како си кажуваш се што би сакала да му кажеш него а знаеш дека веќе не останал ниту еден неискажан збор, затоа што неговиот завртен грб кој заминува од тебе веќе кажал повеќе од доволно!

– Кукла од Памук

http://kuklaodpamuk.blogspot.com
https://www.facebook.com/kuklaodpamukblog




Коментари

коментари