Кошаркарите на Куманово го победија МЗТ во Скопје

1-IMG_71141-615x400

Куманово неочекувано поведе со 1-0 во финалната серија од кошаркарскиот плејоф, откако избраниците на Марјан Србиновски во фантастичен натпревар на гостински терен го совладаа МЗТ Скопје со резултат 84-87. Најзаслужен за овој триумф е репрезентативецот Бојан Трајковски, кој одигра неповторлив натпревар, постигнувајќи 17 поени во низа за Куманово во последната четвртина, со кои вицешампионот се врати од негатива од 11 поени и на крајот стигна до победата. На МЗТ не му помогна ниту камбекот на Марко Луковиќ, шампионот одигра далеку под своите можности, а мотивираните гостински кошаркари знаеја како да го искористат тоа и да стигнат до победата која ја прави уште поинтересна оваа финална серија.

Почетокот на финалната серија мина во израмнета битка, во која ниту една од екипите не успеа посериозно да се „одлепи“ резултатски. Најпрвин Куманово, а потоа и МЗТ Скопје имаа максимални „плус три“, за на крајот првата четвртина да заврши со израмнети 23-23. Одбраните играа значајна улога на почетокот од вториот период, во кој за четири минути и двете екипи постигнаа само по два поени. Куманово побрзо се разбуди, па најмногу благодарение на одличниот Бојан Трајковски гостите заминаа на одмор со предност од 38-41.

Со поените на Симоновски гостинскиот состав на самиот старт од второто полувреме имаше и 38-43, но МЗТ Скопје набрзина направи серија од 5-0. Куманово стигна и до најубедливи шест поени разлика преку Трајковски и Симоновски (47-53), но актуелниот шампион навреме се разбуди. Избраниците на Јончевски до крајот на третиот период израмнија на 58-58, а потоа на стартот од третата четвртина направија серија од 15-4 и водство од 73-62.

Куманово не се предаде и одговори со сопствена серија од 6-0, па по тројката на Трајковски домашниот тренер беше принуден да побара тајмаут (73-68). Трајковски одговори со нова тројка за 73-71, но во вистински момент за „металците“ одговори Мијатовиќ, кој со прецизен удар од далечина. Трајковски го продолжи своето „шоу“, па на две минути до крајот МЗТ имаше предност од само еден поен (76-75). Марко Луковиќ погоди само едно од двете слободни фрлања, по што Трајковски со тројка предизвика еуфорија меѓу кумановци во салата „Јане Сандански“, за водство на гостите од 77-78. Дамјан Стојановски беше два пати прецизен од линијата за слободни фрлања, но Трајковски повторно погоди и во последната минута се влезе со минимална предност на Куманово. Репрезентативниот крилен центар го постигна и 17. поен во низа за својот тим, за водство од 79-82, но Мијатовиќ со нова тројка го израмни резултатот на 82-82, на 33 секунди до крајот.

„Металците“ можеби очекуваа Трајковски го реши мечот по тајмаутот на Србиновски, но таа улога му припадна на Костоски, кој со прецизна тројка ја донесе огромната победа на кумановци на стартот од оваа финална серија.

Трајковски го заврши натпреварот со 32 поени и 14 скокови, Симоновски додаде 16, а Мандиќ 12 победа во овој голем триумф на кумановци, кои сега уште помотивирани ќе влезат во саботниот втор натпревар што ќе го играат на домашен терен.




Коментари

коментари