„Ако некогаш те изгубам“

BeFunky_null_1645.jpg

Често пати моите стравови знаат да се преоблечат во кошмари кои ги сонувам будна..
Во тие најранливи мигови помислувам што би било еден ден, еден ден ако те изгубам..
Се плашам дека можеби еден ден ќе ја пронајдам мојата ќерка расплакана во својата соба, со поглед соголен како пустина и срце растргнато на парчиња доживувајќи ја болката на првата љубов.
Се плашам дека ти ќе бидеш приказната која ќе и ја раскажувам додека трепери како ранета срна во мојот скут..
За момчето кое го запознав кога имав невино срце како неа, момчето кое имаше најтопли очи и зборови потопени во мед.. Она кое стравуваше да види солзи на моето лице, со кое се родив повторно и откако замина умрев засекогаш.
Се плашам дека ти нема да бидеш во другата соба и нема да слушнеш кога солзите ќе потечат по моето лице и нема да дојдеш и да ми речеш тивко допирајќи ме за рамото.. „Тука сум, никогаш не сум заминал..“
Се плашам дека тоа ќе биде првиот пат кога ќе зборувам некому за тебе, а потоа ќе ја прегрнам неа убедувајќи ја дека секогаш постои поголема љубов, подобра љубов.. И ќе ја излажам за прв пат, а себеси по стоти пат..
Ќе и ја помилувам косата и ќе ја сокријам мојата тајна уште подлабоко, во најтемниот ковчег од моето срце исто како и оние наши слики кои останале да фаќаат прашина во некоја стара кутија на таванот..

– Кукла од Памук

http://kuklaodpamuk.blogspot.com
https://www.facebook.com/kuklaodpamukblog

 




Коментари

коментари