Лестер „Бо“ Мек Кејлеб доаѓа во МЗТ?!

Управата на МЗТ Скопје Аеродром ќе се обиде да го убеди Лестер „Бо“ Мек Кејлеб во следната сезона да заигра во дресот на актуелниот македонски првак. Според информациите кои доаѓаат од добро упатени извори блиски до клубот, натурализираниот македонски бек во текот на наредниот месец треба да дојде во Скопје и, веројатно, тогаш ќе биде финалната рунда од преговорите, кога и ќе се знае резултатот дали Мек Кејлеб наесен ќе заигра за МЗТ.

Американецот со македонски пасош во моментов е во Франција каде што игра за Лимож, но на тимот „не му цветаат розите“ и, најверојатно, сезоната ќе им заврши на 10 мај. На шест кола до крајот на регуларната сезона, Лимож заостанува три победи зад осмопласираниот Нантер, и има само теоретски шанси да се избори за место во плејофот. Ако со обврските кон Лимож, Мек Кејлеб заврши на 10 мај, тој уште утредента би можел да дојде во македонската престолнина. Ако, сепак, Лимож влезе во битка за титулата, доаѓањето на Бо во Скопје ќе биде одложено за една до две недели, па преговорите со управата на МЗТ би ги имал некаде кон крајот на мај.

Најавата дека Работнички планира создавање силен тим со цел освојување на титулата, појавувањето на новиот амбициозен прволигаш АВ Охрид, стандардно опасните Куманово, Кожув и Фени Индустри, како и финалистот од годинешниот куп, Карпош Соколи, ги натера и „металците“ уште отсега да размислуваат за создавање силен тим со кој би играле во АБА лигата и квалификациите за Лигата на шампиони.

Евентуалното привлекување на Мек Кејлеб би бил огромен плус за МЗТ, не само поради квалитетот на тој кошаркар туку и бидејќи станува збор за играч кој кај нас има статус на домашен и клубот не би имал потреба да ангажира максимален број странци.

Мек Кејлеб, кој има 30 години, би можел летово за првпат по 2013 година повторно да заигра и за македонската репрезентација, но тоа ќе зависи од новиот селектор чие име уште не е познато. Мек Кејлеб во 2010 година стана македонски државјанин и го носеше црвено-жолтиот дрес на два Евробаскети и по еднаш во квалификации за ЕП и за Олимписки игри.

Откако во претсезоната настапи за Њу Орлеанс пеликанс, но не беше пријавен во официјалниот тим за настап во регуларната сезона во НБА, Мек Кејлеб дефинитивно се откажа од најсилната лига на светот, па по неколкумесечна пауза, потпиша за француски Лимож каде тренер му е Душко Вујошевиќ со кого имаа голем успех (пласман на фајнал-фор во Евролига) во Партизан пред шест години. На 13 меча во француската лига, Бо има просек од 11,9 поени, 2,2 скока и 3,5 асистенции за 24,6 минути по натпревар. Во Еврокупот играше на осум средби и просекот му беше 12 поени, 2,9 асистенции и 1,6 скока за 20,1 минути. Формата на Мек Кејлеб не е како пред 4-5 години, но тој сè уште е играч кој може да биде засилување за речиси секој европски тим. За неговите услуги постојано има интерес од европски екипи, а за отприлика еден месец ќе се знае дали Бо ќе реши од следната сезона можеби да дебитира за клуб и од неговата втора држава.




Коментари

коментари