На чекор од неа, никогаш до неа

Толку многу ја имаше. Чудесно многу ја имаше. Колку и да се вртев, менував насоки, патеки, крстосници, излези, таа секогаш се наоѓаше токму во оној сокак каде срцето престануваше да верува на разумот. Ја имаше околу мене, а проклето и во мене. Себично ми ги заробуваше мислите. Некако не знаев да си помогнам кога толку блиску до мене ја гледав. Можеби и од себе ја бркав, ја туркав некаде подалеку, да не ја види мојата љубов, да не сфати дека победила во моите битки, да не дознае дека луд сум по неа. Таа беше толку спокојна. Како да и` годеше овој немир кој во мене го создаваше, па си заминуваше насмеана. Со поглед ме опиваше, а потоа на земја ме симнуваше со таа горка ладнокрвност. Беше ничија, а најмалку моја. Беше сечија, а секогаш сама. За мене беше посебна. Знаеше да ме заведе најбрзо од сите девојки кои се наоѓаа околу мене, најбавно да ме заледи и пак да ми се врати токму кога ќе ја заборавам. Таа никогаш не беше моја, а толку многу ја имаше во мене. Со насмевка ми ги претвораше ноќите темни во светли денови. Ја гледав и се восхитував. Беше храбра и достојна. Ме љубеше потајно, или само и` годеше мојата близина. Никогаш тоа не го разбрав од нејзиниот мистериозен поглед. Не ја гледав зашто знаев дека ќе се заљубам, бидејќи знаев дека повторно ќе паднам, а не знаев дали таа ќе биде тука да ме подигне. Се плашев од неа. Се плашев и стравував дека ќе ме боли. Ја гледав со крајчињата од моите очи, ги збрчкував секогаш кога од нигде никаде како кома се појавуваше и фрлаше сенка кон мојот ситен свет. Сакав со усни да ја откријам, зборови да не бидат потребни. Сакав до зори да и` раскажувам приказни невистинити. Неа ја имаше секаде околу мене, а во мене најмногу. Некогаш ми доаѓаше да избегам од сопствената кожа, само за да не се излажам дека некогаш нејзин ќе бидам. Затоа бегав, трчав и грбот го вртев, да не дознае. Кукавички бегав од нејзината топла насмевка, се плашев да не ме стопи, да не не заздравам, да не не биде тука да ме излечи..Да не си замине. Таа беше моја, моја на некој чудесен начин. Моја беше на секој начин. Утрата на неа ми мирисаа, ноќите со неа заспиваа. И јас бев нејзин. Бев нејзиниот малечок со хипнотизиран поглед и заносна насмевка. Во секоја смисла нејзин бев. Секој чекор ми го следеше, а јас немоќен. А, јас изморен да верувам во љубов. На чекор од неа, никогаш до неа.

-Кристина Цонкинска, 2015

-Прочитајте повеќе на:https://www.facebook.com/devojkatasoledenosrce




Коментари

коментари