На полноќ започнува христијанскиот празник Бадник. Што треба да имате на вашата трпеза?

Името Бадник значи да бдееш, да бидеш буден и да го дочекаш Христовото раѓање.

Бадник се слави во кругот на семејството, со посна трпеза која се остава цела ноќ, за да може Бог да дојде на вечера. Ритуалот на отворање на прозорецот и канење на Бог да вечера со семејството крие посебна магија која го топли срцето и внесува мир и блаженство во душата. Со мир во душата, со радост и спокојство се празнува денот пред Божиќ.

Бадник името го добил по тоа што на отј ден во домот се внесува Бадниково гранче, кое потоа на Божиќ ќе се запали. Бадниковото гранче е важен симбол во христијанството затоа што се смета дека Јосиф го запалил во пештерата во која е роден Исус како би ја загреал за да му биде топло на роденото бебе на Марија (Богородица).

На посната трпеза ви предлагаме да ги приготвите следните јадења:

Печена тиква

Исечете ја тиквата и ставете ја во тепсија. Печете ја на 200 °C, околу 40 минути. По желба можете да ја прелиете со мед или шеќер одозгора.

Компот од јаболка и суви сливи

Во 1,5 литри вода ставете 2-3 исечени јаболки, 100 грама суви сливи, исцедете половина лимон, 2-3 големи лажици шеќер. Оваа смеса варете ја 20-сетина минути додека овошјето не омекне и послужете додека сеуште е топло на крајот од вечерата.

Суво овошје и мед

Ставете разни видови на суво овошје и јаткасти плодови во една чинија. Потоа одозгора прелијте со мед. Ова е едноставно, но неверојатно вкусно.

Предлог за главно јадење – Пијан шаран

Потребни состојки: Еден шаран, 2 лимони, 2 моркови, неколку гранчиња магданос, 2 чешниња лук, 150 мили литри бело вино, сол, бибер, масло за јадење.

Подготовка:

Рибата добро исчистете ја и посолете ја и од внатре и од надвор со сол и црн пипер. Потоа во еден сад исецкајте го лукот, морковот и магдоносот. Посолете ја оваа смеса и ставете ја внатре во рибата. Ставете ја рибата во длабока тепсија. Потоа направете резови врз самата риба, а во резовите ставете тенки парчиња лимон. Прелијте ја рибата со 150 мл вино и исто толку вода. Ставете фолија одозгора и печете ја 45 минути на 200°C.

Ви посакуваме пријатен апетит …




Коментари

коментари