Категории

Најсреќните моменти во животот на еден од најбрзите Македонци, Кокан Ајановски

Вистинска среќа е кога од аматер ќе преминете во професионалец кој освојува се пред себе. Еве ја среќната приказна на Кокан Ајановски:

– Скопски маратон 2010

2008 година случајно започнав со трчањето и мојата прва трка беше Скопскиот полумаратон. По една година трчање, веќе овој спорт беше мој начин на живот и амбициите значително ми се зголемија, па тогаш и одлучив дека сакам еден ден да бидам меѓу најдобрите во Македонија. 2009 година си зададов цел дека некогаш ќе бидам најдобар од Македонија на Скопскиот полумаратон. Тоа искрено го посакував и напорно тренирав за да го реализирам. Точно 2 години од мојата прва трка, во мај 2010 година успеав да бидам најбрзиот македонец на полумаратонот во Скопје и трето место во генерален пласман. Не ми се веруваше кога се качував на пиедесталот. На среќата и немаше крај. Ова беше можеби и трката која најмногу влијаеше за сите идни успеси со трчањето, затоа што ме потсетуваше дека се’ е можно ако искрено веруваме и работиме на реализација на нашите цели.

– Патувања како репрезентативец на Македонија

Успеси во македонската атлетика и воопшто трчањето во Македонија направив многу, поточно ги реализирав сите мои цели кои ги имав во овој спорт. Многу пати бев репрезентативец на Македонија и на тој начин бев дел од многу балкански, европски и светски натпревари. Секое мое претставување на нашата земја на домашни или странски натпревари ми носеа голема среќа и често пати не можев да поверувам како од обичен рекреативец успеав да бидам македонски репрезентативец. Многу е тешко да издвојам кои настани ми се најдраги и ми донеле најголема среќа, но дефинитивно тука ќе ги набројам Светското првенство во полумаратон (мојата омилена дисциплина) во Данска во март 2014 година и првите Европски олимписки игри во Азербејџан во јуни 2015 година. Она што порано го гледав на телевизија и читав за многу спортисти како успеале да си ги реализираат своите соништа во спортот и се бескрајно среќни заради тоа, јас најмногу го почувствував токму на овие натпреварувања.

– Школа за трчање

По сите успеси кои ги остварив со трчањето во Македонија посакав еден ден моето знаење да го пренесам на сите кои се заинтересирани за тоа. Во тој момент да се реализира проект од типот на „школа за трчање“ во нашата земја беше за неверување и наидуваше на многу потсмевања и критки за сигурен неуспех. Но, мојата неизмерна и искрена љубов кон овој спорт ме натераа да верувам во моите соништа и да не застанам во реализација на истите. Март 2014 како официјален почеток и април 2016 како нов почеток никогаш нема да ги заборавам затоа што тоа беа периоди кои го означија официјалното започнување на школата за трчање и продолжување на уште повисоко ниво на функционирање. Уште еден доказ дека соништата стануваат реалност, а среќата ја достигна својата кулминација.

– Дипломирање

Дипломирав во декември 2005 година. Тогаш го завршив факултетот кој никогаш не го сакав. Уште во првата година од студиите забележав дека сум избрал да студирам нешто кое воопшто не ми се допаѓа, не ме привлекува и едноставно не го сакам. Но, мотото дека никогаш не треба да се откажуваме, ме мотивираше колку и да ми е тешко да издржам, да најдам мотивација и во предвидениот рок да дипломирам. На одбрана на мојата дипломска ги поканив сите најблиски. Никогаш нема да заборавам кога по успешно одбранетата дипломска работа ме прогласија за дипломиран машински инженер. Не можам да опишам колку многу бев среќен во тој момент и во следните триесетина дена кога секој ден се потсетував дека го завршив факултетот кој ми донесе, до тој момент за мене, најголеми тешкотии и искушенија.

– Денот кога станав татко

Ден кој никогаш нема да го заборавам во мојот живот и ми донел најголема среќа е и доаѓањето на овој свет на нашата ќерка Јана. Кога во март 2015 ја донесовме во нејзиното креветче во спалната соба, ја гледав цел ден и не можев да поверувам дека ова е вистина. Посебно чувство на неизмерна среќа која тешко можам да ја опишам и среќа која трае во секој момент кога сме заедно и кога ќе помислам на неа.

За мене, смислата на животот лежи во среќата! Она што е среќа за еден, може да не претставува среќа за некој друг, па затоа среќата по дефиниција е нешто индивидуално, но она во што сум сигурен е дека среќата лежи во нас, не можеме да ја најдеме на некое друго место или да ја купиме со нешто. Се додека не ја пронајдеме среќата која е скриена во нас, останатото може да биде само времена среќа. Кога еднаш човек ќе ја открие својата среќа и ќе знае што точно го прави среќен, тоа е моментот кога ќе почне да има среќен и исполнет живот.  Да се опише среќата со една дефиниција воопшто не е лесно. Среќа – тоа е најважното и најсуштинското нешто во животот на секој! Според мене среќата опфаќа буквално се’, па оттаму следува и дека од најголемо значење е кога ја имаме и сме среќни, па затоа таа треба да се бара се до моментот кога сме сигурни дека навистина имаме среќа и сме среќни.

Прегледи:
624
Објавено на:
28.05.2016