„Не беше таа за мене“

Бев со неа, другар, а не беше таа за мене. Не беа за мене тие толку убави сјајни зелени очи, ниту долгата костенлива коса. Не беа за мене тие ковчести раце, долги прсти и тенки дланки. Кога ги допирав, јас ги повредував. Кога ги галев јас ги кршев. Не беше за мене таа преубава насмевка, тие бели заби кои ѕиркаа од усните празнини и онојпат кога не заслужував да ја гледам пред моите очи. Не беше за мене тој тенок струк, таа витка става, тоа тело од соништата на сите мои другари и познаници. Кога ја гушкав чинев ќе се скрши во мојата прегратка, ќе се заледи во моите камен -ладни раце, ќе ја снема. Се плашев дека кога до мене стои, така толку убава и заљубена, толку топла и на мене посветена, нема да бидам способен да ја чувам. Се плашев дека нема да ја пазам, дека ќе го претворам дијамантот во камен, дека ќе се лизне од моите раце, а нема да бидам спремен да ја фатам. Ја гледав секогаш сè повеќе и повеќе. Ја анализирав. И се чудев, не верував. Се прашував што виде таа девојка од соништата во некој како мене, обичен странец без соништа. Не знаев ниту една желба да и` исполнам, а таа мене сите. Не знаев што да и` дадам, бидејќи никогаш ништо од мене не побара. Веројатно само сакаше да ја сакам, а од мене и тоа не го доби. Ниеден доказ не ја наведе да верува во тоа. Паметна беше другар, премногу. Ќе си заминеше тогаш кога знаеше дека не е потребна, ќе се повлечеше тогаш кога знаеше дека премногу ја има. Седеше во ќошето на невозвратените љубови и тивко плачеше. Тивко плачеше и ме сакаше. Само што никогаш не дозна дека јас сум кукавица. Не сфати дека јас уништувам сè што ќе допрам. Таа беше ангел. Ангел, другар. И покрај сè ми велеше дека таа е виновна, дека таа не е за мене. И знаеш што? Во право беше. Не беше за мене, беше премногу добра за да биде моја, беше премногу убава за да ми припаѓа, премногу нежна за моите груби допири, премногу заслужна за мојата плитка љубов.

-Кристина Цонкинска, 2015




Коментари

коментари