„Ништо не е едноставно во љубовта и ништо не оди по планот“

Кога дојдов на море тоа лето, не планирав да запливам по горко­слатките води на љубовта. А и да размислував за тоа, ти немаше ни да ми прелеташ низ мислите. Беше толку случајно, толку одеднаш, и толку спонтано. Како да ми ги отвори очите, да го промени правецот на моите мисли, како да ги смени сите мои впечатоци за тебе. Стана сосема друг човек, човек во кој е невозможно да не се заљубиш. И тоа чувство кое се закорени во моето срце, му зададе толку голема болка бидејќи никогаш не доби шанса да биде вистински сакано.

Како длабока рана која не добила соодветен третман и зараснувајќи остава голема лузна. Но, не само што не се. негува, туку и се посолува, така гледајќи те секој ден, како недопрено совршенство, толку недостапно, отровно и недопирливо. И сега, додека зјапам во морските далечини, жешкиот песок ме гори на стапалата како што твојот поглед ми ја разгорува душата, ги потпалува искрите во нескротлив оган кои очајно се обидувам да ги стишам. Твоите скокотливи зелено­сини очи, во нив го гледам цел океан, во нив е собрана сета светлина, светат како морскиот одблесок на сонцето. Твојот допир ми ја жигосува кожата, љубовен бран кој ме растреперува секојпат. А твојот глас ми е како приспивна мелодија, мевлем за моето столчено срце и силни ветрови од бурата во мене. Нашите прегратки, за тебе невини пријателски, а за мене – целиот свет. Во твоите раце е заробен мојот свет и лежи на твоите гради. Се ми е со тебе, а ти си ми забранет. Ти си ми болка, и ти си ми лек, ти си ми дрога и отров. Толку неопходен, а токсичен, ме убива тоа што ме заобиколуваш, а сепак ме дигаш во облаци. Кога си околу мене ме заслепуваш, како магнет ми го влечеш срцето, така неприметливо но пресилно за да се игнорира. Колку и да го кријам тоа, никогаш не е лесно да глумиш безгрижен кога само еден поглед е доволен да те скрши. Гледајќи те во очи, се прашувам како не сфаќаш, како не приметуваш каква бура предизвикуваш во мене. Моите чувства се толку гласни што помислувам дека можеш да ги чуеш секојпат кога ќе се доближам до тебе. Но и ти си ист, ист како мене. Заљубен си и го покажуваш тоа, не криеш, а и немаш потреба. Јас морам, не смеам тебе да те сакам, ти си забранета зона, требаше да бидеш изолиран од моето кршливо срце, а ти не само што влезе, туку и направи продор. И јас сум заљубена, и ти си заљубен, но ти не си за мене, јас не сум за тебе. Не ни е пишано да бидеме еден за друг. Ти и припаѓаш нејзе, и таа на тебе. Вие сте еден за друг создадени, а јас припаѓам на неизвесноста. Ништо не е едноставно во љубовта, и ништо не оди по планот. Така и ти не ми беше ништо, се додека не ми стана и болка и лек, совршенство кое не смеам да го допрам, владетел на моето срце кој со еден поглед и со еден случаен допир може да ме контролира. Но, со или без тебе животот продолжува понатаму, ти ја избра неа и мене не ми остави избор. Ти беше моето лето, мирисот на море и на летна вечер вечно ќе ме потсеќа на нас, ние што не бевме ништо и ти што ми беше се. Немам повеќе солзи да оплакувам, сите се излеаја, сета тага и гнев се потрошија. Затоа остави ме мене, јас ќе закрепнам и ќе ти посакам убав живот со неа. И ако некогаш повторно се сретнеме, после многу години, веќе пораснати со избледени спомени и исчезнати чувства, ќе ти раскажам за се, се пред кое ти си бил слеп и се што било премолчено, скриено од тебе. А за сега, љубов моја несудена, знај дека те сакам.

 

Леа Дојчиновска




Коментари

коментари