ОФИЦИЈАЛНО: Штербик го напушта Вардар

Вардар останува без можеби својот клучен играч, голманот на Вардар, Арпад Штербик, се враќа во клубот каде што играше пред многу години, унгарскиот Веспрем. Шампионот на Унгарија потврди дека останува без услугите на Мирко Алиловиќ и дека голманот на Вардар заедно со Роланд Миклер ќе го сочинуваат убиственото дуо на Унгарците.

Во минатата сезона кога македонскиот првак беше и европски првак, Штербик беше еден од најдобрите, нешто што се повторува и оваа сезона, каде во неколку наврати беше спасителот на тимот на Гонзалес.

Штербик ја почна кариерата во Ада, пред да се пресели во 2001 во Веспрем, каде што остана три сезони. Сите три години додека беше дел од унгарскиот тим, освои двојна круна. Во 2004 година замина во Сиудад Реал, каде освои три европски титули, а потоа беше и голман на Барселона од 2011 до 2014 година. Додека беше во Шпанија освои седум пати титула во Асобал Лигата и три пати трофеј во шпанскиот Куп.

Штербик во 2014 година пристигна во Вардар и веќе четврта сезона го чува голот на Вардар. Досега ги освои сите трофеи што можеше да ги освои. Стана шампион на Македонија три пати, исто толку пати беше шампион и во Купот, а ланската сезона на овие трофеи ги додадоа и трофеите од СЕХА Лигата и Лигата на шампионите.

Штербик досега има настапувано и за две репрезентации, на Србија и на Шпанија. Во 2005 тој беше прогласен за најдобар светски ракометар.




Коментари

коментари