Панчев промовиран во нов спортски директор на Вардар

Дарко Панчев, легендата на Вардар и македонскиот фудбал, се врати во „црвено-црното“ семејство, во иднина тој ќе ја обавува функцијата спортски директор. Панчев, богатата спортска кариера ја започна во Вардар, тој трет пат се враќа во клубот како спортски директор.

Најдобриот македонски фудбалер на 20-от век, европски и светски првак со белградска Црвена звезда, Дарко Панчев, во петокот, ја имаше својата промоција во клубот. Панчев ќе биде спортски директор, функција која беше испразнета подолго време, односно од моментот кога Гоце Седлоски стана шеф на стручниот штаб.

„Не би сакал да зборувам за тоа што ФК Вардар претставува во мојот живот. Тука започнав, тука пораснав. Возбуден сум што е и нормално бидејќи сум на помошното игралиште каде што почнав да играм“, рече на почеткот на прес конференцијата Панчев.

„Раководството на Вардар и сопственикот Сергеј Самсоненко во вистински момент најдоа начин да разговараме. Разговорите и понудата беа коректни и ова што денес се случува е резултат на сето тоа. Во изминатите две недели имав можност да се запознаам со работите и мора да кажам дека во клубот се создадени услови, клубот да се издигне на едно повисоко ниво. Стратегијата која е зацртана, со некои мои идеи, претставува основа да бидат остварени желбите на раководството, навивачите, јавноста“, рече Панчев, кој побара уште малку време за дополнително да се запознае со состојбите во клубот.

Во описот на работното место, покрај грижата за првиот тим, Панчев ќе има увид и за се она што се работи и во вардаровата Академија.

„Со Самсоненко се согласивме дека сите заедно ќе треба да се насочиме и кон работата на младинската школа. Сметаме дека со условите кои ги имаме, Вардар мора да биде расадник на врвни играчи, кои треба да претставуваат иднина на клубот“.

Приоритет на новиот спортски директор ќе биде Вардар да ги подобри резултатите на меѓународен план, бидејќи како што рече „на домашен план на тимот му оди добро“.

„Планирам да седнам и да разговарам со шефот на стручниот штаб Гоце Седлоски, да го слушнам неговото мислење за квалитетот на екипата, дали му треба некое засилување, дали евентуално „снимил“ некој фудбалер кој би бил потенцијално засилување“, дополни Панчев.

Дарко Панчев е дел од најславната генерација на Вардар, која во 1987 година ја освои титулата во првенството на СФРЈ.

Дресот на Вардар го носеше од 1983 до 1988 година, за „црвено-црните“ постигна 84 голови на 154 натпревари, потоа до 1992 година одигра 91 натпревар и постигна 84 голови за белградска Црвена звезда.

Со клубот од Белград ја освои европската и светската клупска титула, а беше „Златна копачка“ на Европа.
Во кариерата настапувал уште за Интер, Лајпциг, Фортуна Дизелдорф и Сион.
Има одиграно 27 натпревари за репрезентацијата на СФРЈ и шест за репрезентацијата на Македонија.

Извор : Макфакс




Коментари

коментари