„Повторно го видов со неа“

Повторно го видов со неа. Ладна струја проструи носејќи морници по целото мое тело. Таа зборуваше гледајќи некаде далеку, некаде позади неговиот поглед очајно мафтајќи со рацете како да сака нешто да објасни, како да сака да се извини бидејќи го сака. Тој беше полу-свртен кон неа, а на неговата кошула паѓаа прамените од нејзината руса коса. Тој како да не ја слушаше. Преку неа гледаше кон ќошот во кој стоевме стуткани јас и мојата гордост. Погледот му беше тажен, како да врескаше одвнатре дека тој не е виновен, како да сакаше да зборува дека тоа е само глума, тоа е само наместена претстава во која мора да ја игра главната улога. Јас повторно ја доближив чашата виски кон крв- црвените усни. Уште една голтка и ќе биде готово. Уште само една и ќе заминам, длабоко издишувајќи се надевав дека лесно ќе помине низ моето грло. Воздухот повторно ме пресече, а горчливиот вкус ми предизвика солзи под затворените очни капаци. Глупав алкохол. Зошто ли го пијам воопшто кога никогаш не го поднесувам тој одвратен вкус? Поставувајќи си уште глупави прашања се потрудив да избегам од горчливата реалност која се одвиваше тука. И пред мене. Повторно прострелав со смарагдно-зелените очи како да барам утеха во полупразниот хол и звукот на непознатата песна која се ширеше со секундарна брзина носејќи ми нови бранови на тага. Тие уште разговараа. Тој сега ја местеше вратоврската провлекувајќи едвај два три збора низ заби, а преголемата сала чинам стануваше претесно место за него. Ја фати нејзината рака и и` дошепнуваше нешто. Нешто наизглед лажно, некое оправдување меѓу редови, некоја тајна сврзана помеѓу растојанието кое ме делеше од нив. Ме гледаше сеуште. Дури сега станав свесна за сјајот во неговите големи зелени очи, стануваа се` појасни и покрупни додека не почувствував болка која ја замати целата слика пред мене. Дали тоа беше солза која се слеа надолу по мојот образ, или само раска во моето око? Можеби светлината беше виновна и оние милион бои кои се менуваа во секунда со цел да предизвикаат вртоглавица во мојата свест. Сеедно, го избришав. Не дозволив никој да ме забележи, дури ниту оној лик кој ме хипнотизира со неодолива нерешителност. Несвесно се најдов себеси како барам уште една чашка од истиот пијалок кој пред една минута не можев да го поднесувам. Сега беше полесно. Сега капките лесно се тркалаа низ моето грло, а горчината беше значително помала од оној кадар кој го посматрав половина присутно. Девојката со русата коса и нискиот раст изгледаше гневно. Со прстите ја стегаше стаклената чаша вино и маникираните нокти ги вперуваше интенцирајќи кон нејзино кршење. Тој стоеше како закован и зборуваше нешто несмислено, нешто несфатливо, нешто наменето за некого друг. Јас се насмевнав цинично обидувајќи се ја да доловам неизмерната лутина преку мојот лик. Одмавнав со рацете и се свртев. Го свртев грбот половина сокриен од моето црвено здолниште и зачекорив кон излезот. Чекорев решително и цврсто следејќи ја мојата суета кон излезните скали. Уште десетина. Па потоа ќе биде лесно. Ги изодев ритмично штракајќи со високите потпетици кон подот кој мислев дека под мене се руши. Студот ме удри во коски и за момент заборавив како е да чувствуваш. Се` привикнав и му одмавнав на таксито кое најверојатно очекуваше да ме дружи кон мојот пат. Ја ставив раката помодрена од студенилото на оваа немилосрдна зима точно под левата страна од моите гради. Туп..туп..Чукаше пребрзо, чинам ќе излета како стрела насочена кон тој мрачен клуб исполнет со спомени. Сакаше да се врати точно таму од каде што ладнокрвно си отиде. Потоа се сети на болката. Во двата случаи болеше. Таму повеќе, овде посилно. Го победив и овојпат и одејќи си засекогаш од тој проколнат град, почнав да сфаќам дека ќе боли уште долго. Се сетив дека болката не бира ниту време ниту место, а потоа темнината надвисна над мојата сенка.

-Кристина Цонкинска, 2015

-Прочитајте повеќе на: https://www.facebook.com/devojkatasoledenosrce




Коментари

коментари