Категории

„Пред тебе мислев дека сум љубела, но сега сфаќам, сега знам, вистинската љубов нема рок на траење, нема крај…“

Се` пред тебе беше далеку од љубов

Љубев и пред тебе или бар мислев дека љубев. Се занесував, летав на моменти, но пред тебе немав крила, па секогаш паѓав и се кршев на милион парчиња и кои секогаш одвај ги собирав. Мислев дека било љубов, зошто болеше ко да е, а не беше, беше далеку од љубов. Се затворав во себе, градев ѕидини околу срцето, ставав оклопи на душата, не верував на никој, не верував ни во себе.

Пред да те сретнам тебе јас дишев, но не живеев. Моето постоење немаше смисла. Минуваше ден по ден, а јас бев емотивно мртва, неписмена, ништо не чувствував. Мислев дека можам сама се` и дека не ми треба никој за да сум среќна. Мислев дека сум најјака, дека никој нема да ме скрши никогаш повеќе. Но, се појави ти, го бутна ѕидот, ги тргна сите оклопи, ми ја врати довербата.

Во твојата прегратка за прв пат се почувствував жива и среќна што сум жива, се почувствував твоја и своја. Сега срцето ми тропка во ритам на најубава музика, пеперутки ми леткаат по цело тело, сакам да извикам на цел глас дека сум најсреќна на свет.

Во твоите очи видов љубов што во ниедни ја немам видено, толку искрена и чиста, толку невина и детска. Здивот ми го одземаш кога ќе ме погледнеш. Се губам во твоите очи, цел мој свет го гледам во нив и не ми треба ништо повеќе. Те имам тебе – имам се`. Ко наркоман се навлеков, најјака дрога си ми, дрога од која не сакам да се излечам. Дрога од која колку и да земам, никогаш нема да ми биде доволно. Никогаш нема да ми биде доволно време со тебе, никогаш нема да ми бидат доволно, прегратки, бакнежи, тишини.

Ти, ми го смени цел свет, го обои во милион бои мојот сив свет, на моето темно небо, ѕвезди му нацрта. Среќа си ми, те сакам повеќе од себе, повеќе од се`, среќна сум што љубов може да те наречам. Ти ги сруши сите мои заблуди. Пред тебе мислев дека сум љубела, но сега сфаќам, сега знам, вистинската љубов нема рок на траење, нема крај, таа живее во нас и по  последно срцево отчукување.

 

 

Ефтимија Јованова

Прегледи:
673
Објавено на:
16.07.2017