Премалку за крај

Сега кога знам дека е предоцна за соништа..Сега кога знам дека заминуваш, а јас немоќна да проговорам останувам со илјадници прашања во усните празнини стиснати, гризам усни, кријам солзи, бришам спомени.. Невозможно е. Те има толку многу насекаде, во мене, околу мене.. Те има како призор и будна сонувајќи те, те барам во секој допир, во секој поглед низ трепките сокриен. Толку те има, а никаде те нема. Каде ли си, каде ли си оваа ноќ кога најсилно боли, кога морам да се соочам..Кога реалноста добива поинаква слика од мојата замисла. Земи го бар овој данок на љубов кој остана како прав по улиците кои сега сосем сама ги минувам.. Врати се и допри ме барем уште еднаш, да се вратат тие чувства со тебе, да се обнови таа радоста која избледува од моето лице. Да можев и би го украла воздухот од улициве, само за да го прошепотиш моето име уште еднаш во далечина. Да можев сè би ти кажала..Да можеа овие зборови да излезат од душава моја немирна, без тебе откината, од љубов незакрпена. Можеби и зборовите се моја слаба страна кога си ти во прашање. А, моите прашања без одговор останаа. Очите ги затворам и не се сеќавам дека никогаш посилно не било. И болката. И љубовта. Врати се барем и кажи ми дека е предоцна за заедно да сонуваме..Погледни ме за уште еднаш да сонувам и да не сакам да се будам. Донеси ја маглата на спомените од кои срцето ми крвари. Твоите нежни раце, склопени со моите прсти, совршена симетрија од хармонијата скроена. А, оваа празнина станува преголема. Го стигнува дното на бездните во кои тонам кога твоето име го слушам некаде случајно. Врати се за да ми кажеш како успеа да ми го навлечеш под кожа тој поглед, истовремено горд и срамежлив, љубопитен и инаетлив. Врати се за уште еднаш да се огледам во кристално чистите очи, со милион тајни да се испреплетам, збунета да останам..Сега, кога знам дека е предоцна за надеж..Те преколнувам да останеш таму, за никогаш веќе да не те видам, за никогаш повеќе да не се надевам, за никогаш повеќе во сопствените чувства да се удавам. Се плашам, а знам. Без тебе сè ова е премалку за крај..

-Кристина Цонкинска, 2015

Прочитајте повеќе на:https://www.facebook.com/devojkatasoledenosrce




Коментари

коментари