Претставен е Никола – камионот на иднината!

Деновиве компанијата Nikola Motor Company го претстави „камионот на иднината“ кој што на (северноамериканските) патишта би требало да се појави некаде кон 2020-та година.

Тоа што денес е Тесла на Илон Маск меѓу автомобилите, тоа на пазарот за камиони сака да стане Nikola Motor Company.

Оваа компанија која го носи името на најголемиот научник на сите времиња – Никола Тесла, уште пред неколку месеци го најави „камионот на иднината“, а деновиве и официјално го претстави камионот Nikola One кој што на американските патишта би требало да се појави некаде кон 2020-та година.

Перформансите на камионот кои што ги најавија од оваа компанија се фантастични – електромоторите со сила од 1000 коњски сили можат до 100 километри на час да го забрзаат камионот за само 30 секунди, а импресивно изгледа и досегот на камионот од 1900 киломтри.

Моментално, најголем проблем за ваквите возила претставува недостатокот на инфраструктура, но од Nikola Motor Company велат дека веќе од 2018-та година треба да започне изградбата на големите мрежи на станици за полнење ширум Соединетите Американски Држави и Канада, па така кога Nikola One ќе се појави на патиштата, неговите возачи не би имале проблем со снабдување со „гориво“.

При официјалното претставување на камионот, извршниот директор на компанијата, Тревор Милтон изјави дека компанијата моментално преговара со неколку американски сојузни држави околу локацијата за изградба на фабриката за камиони која што ќе отвори илјадници работни места.

Тој додаде дека покрај тоа што Nikola Motor Company планира да направи револуција на пазарот за камиони, неговата компанија сака да влијае на намалувањето на „зависноста“ од фосилните горива и да ја популаризира „зелената енргија“.

Милтон исто така ја презентираше и посебната бизнис програма за наемот на ваквите камиони – нивните сопственици во текот на 72 месеци ќе плаќаат од 5 до 7 илјади долари месечно и за тоа ќе добијат бесплатно полнење на станиците, гаранција и одржување, а за продажба и одржување ќе биде задолжена компанијата Ryder System која што има околу 800 сервисни центри ширум Северна Америка.




Коментари

коментари