Серијал посветен на најголемите генијалци: Genius во првата сезона ни го прикажува животот на Алберт Ајнштајн

Биографски серијал за најголемите умови во историјата, го носи името Genius  или Генијалец, и на сосема генијален начин ја запознава публиката со животот и делото на генијалците кои го спознаа и променија светот.

 

Првата сезона е посветена на генијалниот нобеловец Алберт Ајнштајн. Познат по неговата теорија на релативност, но овој серијал ќе ви биде раскажана целосната негова животна приказна. Неговото детство, односот со неговите родители, првите школски денови, обсесивното размислување за светлината и како таа патува низ просторот, а потоа судирот со авторитетот на неговите професори, првите љубови и неговата заинтересираност само за физиката.

Базирана на делото на Walter Isaacson, Ајнштајн: Неговиот живот и универзумот, на многу интересен начин го портетираат ликот на генијалецот, неговиот став, неговата ароганција, која ја влече од неговата љубопитност, и желбата за спознавање на тајните на универзумот. Желбата за одговор на милионите прашања кои Ајнштајн ги има во неговата глава и постепеното откривање на тајните на универзумот додека е во брак со генијалната математичкарка Милева Марич и ги има своите први деца, буди восхит и ја носат љубопитноста на гледачите од екраните до подлабоко интересирање и истражување за овој ум.  

Токму тоа е веројатно и целта на креаторите на овој серијал, да се запознае публиката со животот и делото на генијалците на еден начин кој е најблизок во денешниот современ свет – преку телевизиските серијали и да не застанат таму.

Повеќе актери го портретираат ликот на Ајнштајн, почнувајќи од детството, младоста и подоцнежните години од неговиот живот. Тоа умешно го изведуваат Johnny Flynn во младоста и Geoffrey Rush, во подоцнежните години со седа и бушава коса, лик кој сите најчесто го имаме во глава кога ќе се спомене името на Ајнштајн.

Вистинско филмско уживање е да се гледа како креаторите на оваа сезона Noah Pink и Ken Biller, умешно го прикажуваат комплексниот лик на овој генијалец, гребејќи под површината и ни ја покажуваат добрата и лошата страна која ја имаат генијалните умови. 

Од раѓањето во Германија, се до неговите последни години живот во Америка, од љубопитно дете до Ајнштајн, и се друго измеѓу…два брака и три деца, и сите трудови, награди, прашата, одговори и неверојатни откритија, животот на овој генијалец ќе го изгледате во еден здив и ќе ви разбуди многу емоции, но пред се ќе ви го продлабочи знаењето.

Продуценти на овој серијал се Ron Howard, Brian Grazer, Gigi Pritzker, Rachel Shane, а првата сезона премиерно беше прикажана минатата година на National Geographic. За музиката во овој серијал е задолжена личност на која може многу лесно да и се даде епитетот генијалец, а тоа е Hans Zimmer.

Во 2018 година ја очекуваме втората сезона од овој серијал, која ќе биде посветена на Пикасо, а дотогаш…

 

 




Коментари

коментари