Категории

Велигден е, спомни ги саканите

Надвор сонцето светнало. Сите нѐ вика. Нѐ вика да се разбудиме од мракот, од ладното, од омразата, од неверството. Да се разбудиме во една подобра верба кон Господа.
Велигден е.
Ајде да се сакаме.

Секогаш ми доаѓа да ги гушнам на Велигден оние што ми недостигаат. Макар ми згрешиле, макар уште не сме проговориле. Да ги гушнам и да им кажам дека сѐ е во ред. Дека отсега нема да го има оној јаз меѓу нас. Велигден е, треба да се сакаме! Убав ден е, за нас христијани – најсреќен.

Но, што да правам со оние што ги нема? Како да ги гушнам кога не се до мене? Ме научил овој ден дека треба да верувам во чуда, дека најдоброто на овој свет излегува на површина во секаков облик. Како Исус во јајцето. Дали го кршам за да го најдам оној што не го гледам во него? Дали зад црвената боја се скрила љубовта која одамна не ја чувствувам? Не знам што прават оние што ги сакам. Често пробувам да ги најдам на овој ден. Да скршиме јајце, да скршиме муабет. Да ја скршиме омразата која нечесните и лоши луѓе ни ја пренеле. Сакам да ги спомнам, сакам да ме спомнат. Таков е денот.
Велигден е.

Христос нѐ учи дека треба да се сакаме и во војни, треба да сме чесни и во крадење, треба да сме верни и во лаги, треба да сме великодушни и кај злобни, треба да веруваме и кога никој не верува во нас. Треба да сакаме и тогаш кога мислиме дека никој не нѐ сака. Но, кога започна лошото да прави од нас такви луѓе? Да чекаме празник за да си посакаме среќен живот? Не е секој ден Велигден, но секој ден во нас е Воскресение. Секој ден треба да ја воскреснеме душата, секој ден треба да си спомнеме дека некој за нас полага жртва, се бори за нас, ни посакува најдобро. Тој што ни посакува најдобро е тука секогаш за нас – се вика Исус Христос. Не се појавува само на Велигден во форма на обоено јајце, туку се јавува во форма на мајка, татко, брат, сестра, пријател, познаник, партнер, другар…
Сите имаме свој сакан, и ако не можеш секој ден – спомни го на Велигден.

Ќе има денови кога не се тука. Ќе немаш шанса да ги видиш, ќе немаш шанса да им посакаш да е напомош денов. Ако ги сакаш – спомни ги. Повикај ги, смири ги, насмевни се, напиј се кафе, почести ги посна трпеза. На Велигден дај им јајце. На децата напрај им црвено-бело-дебело, и дозволи им тие да го скршат јајцето. Подари им го најубавото од твојата кошница. Подари им ги најубавите денови во годината на саканите – подари им го Велигден.

Ја немаме сите таа среќа да ги видиме оние што ги сакаме на Велигден.
Славете го денов со нив додека можете, додека сте тука, додека се сакате.
За такви работи Христос воскресе.
Да, навистина воскресе.

                                                                                                                                                               

Марија Лозаноска

Прегледи:
1151
Објавено на:
16.04.2017