Категории

Време е да ги избришете фејсбук профилите? Скандалот донесе конфузија кај корисниците

Компанијата „Фејсбук“ периодов се наоѓа во средиштето на голем скандал.

Вредноста на најпознатата социјална мрежа во светот се намали за 37 милијарди долари, а нејзиниот сопственик, Марк Цукерберг изгуби шест милијарди долари. И покрај големиот пад, компанијата остана една од највредните на глобално ниво со вредност од 500 милијарди долари, но проблемите се далеку од завршени.

Во одонос на оваа криза, ко-основачот на апликацијата „Ватсап“, Брајан Актон, на својот твитер профил постави интересна објава:

„Време е. Избришете го Фејсбук“, напиша тој.

„Фејсбук“ во февруари 2014 година го купи „Ватсап“ за 19 милијарди долари и со тоа продолжи со својот монопол на пазарот. „Ватсап“ денес е најшироко распространета апликација за мобилни пораки, фотографии и видеа со 1,5 милијарди корисници.

Инаку, Актон си замина од „Ватсап“ во септември минатата година, по што ја основа непрофитната организација, Signal Foundation, чија цел е да развие технологија која ги штити слободата на изразување и овозможува безбедна глобална комуникација.

Покрај од Актон, Фејсбук исто така беше критикуван и од поранешниот ментор на Цукерберг, Роџер Мекнами. Тој изјави дека „Фејсбук“ се соочува со криза во однос на довербата од страна на јавноста која може да ја уништи компанијата.

Падот на акциите на „Фејсбук“ е резултат на скандалот поврзан со претседателските избори во САД во 2016 година. Имено, беше откриено дека Cambridge Analytica (CA), компанија специјализирана за стратешки комуникации, собрала податоци од 50 милиони корисници на Фејсбук без нивна согласност, со цел да ги искористи за изработка на софтвер кој би овозможил предвивување и влијание врз гласањето на бирачите.

Податоците биле собрани преку апликација за психолошко тестирање кои ја преземале 270.000 корисници на социјалната мрежа. Истата била креирана од страна рускиот психолог, Александар Коган, кој потоа неоправдано ги отстапил податоците на CA.

 

 

извор: Макфакс

Прегледи:
327
Објавено на:
21.03.2018