Категории

За љубов се потребни будалетинки

Ѝ шепна нешто на уво. Она само одмавна со глава:
– Kажи на глас!
– Пред пун автобус?
– Па што? Цвикаш?
– Шо ма цвикам? Еве ќе кажам на глас – те сакам будалетинке моја…
– Тоа ти е тебе на глас? – ѝ се обрати на една госпоѓа што седеше до неа – вие слушнавте нешто?
– Не – одговори итро таа.
– Глеаш? Шо си таков лигуш, кажи ако кажуваш.

– Сега ќе видиш – викна посилно – те сакам будалетинке моја.
– Пфф… слабо ти е ова гласново. Еве чичконо позади не слушна. Викна во правец на еден чичко зачитан во новина: Чичко, еј ти со новината… слушна ли ти нешто?
– Мене ми збориш девојче? – покажа со прстот на себе чичкото.
– Да, да, слушна ли што ми рече дечково?
– Нека каже погласно, не слушнав.
– Глеаш, смотан еден? Кажи да те случне чичето.
– Носи апаратче, и не му е уклучено…
– Не се вади со мене, немам јас никакво апаратче, туку кажи да чуеме што имаш – одговори ѓаволесто чичето, сфаќајќи ја играта.
– Важи чиче, ама под услов ти на жена ти да ѝ кажеш исто што ќе кажам јас на мојава
– Важи батко, важи.

Цел автобус се загледа во него, очекувајќи реакција.
– Шо е шефе? – му се обрати на шоферот кој на ретровизор будно ја следеше ситуацијата – и за тебе важи истото. И ти да ѝ се јавиш на твојата. Потоа ѝ се сврте на тетката до нив – и ти тетке, и ти брат, и ти со рацете у џебови, и ти девојко шо се смешкаш. За сите важи, дил? Патниците се погледнаа меѓу себе, па колебливо климнаа еден по еден.
Тогаш тој се развика на цел глас
– ТЕ САКАМ БУДАЛЕТИНКЕ МОЈА!!!

Потоа се сврте наоколу и значајно ги погледна патниците. Тие се најдоа малку затечени, ама ветување си е ветување. Прво чичкото со новината викна на цел глас кон жена му што седеше до него – ТЕ САКАМ БУДАЛЕТИНКЕ МОЈА.
Шоферот се насмеа, заврте на мобилниот и се развика на цел глас – ТЕ САКАМ БУДАЛЕТИНКЕ МОЈА. Еден по еден сите го повторија истото. Девојката се насмевна:
– Глеаш дека може? Се прегрнаа и уживаа додека целиот автобус грмеше – ТЕ САКАМ БУДАЛЕТИНКЕ МОЈА.

Ете, од кога ви зборам дека за љубов се потребни будалетинки.

                                                                                         автор: Драган Таневски

Прегледи:
677
Објавено на:
07.12.2016