Започнал како чистач на чевли, а денес е милионер

Четириесетгодишниот Лере Мгајија ја започнал кариерата како чистач на чевли на аеродромот во Јужна Африка. Денес овој млад човек важи за успешен бизнисмен кој заработува милиони токму од чистењето чевли, пишува CNN.

Неговата компанија е најголемата што се занимава со чистење на чевли во Африка. Во неа има вработено 45 работници кои работат на трите најзначајни аеродроми во Јужна Африка, а сега размислува за проширување на работата низ партнерства со фирми од САД и Велика Британија.

Лере во животот работел сè и сешто се додека не се пријавил да учествува во една телевизиска емисија чија цел е да поттикне нови вработувања. Неговите деловни идеи им се допаднале на маркетинг експертите и добил пари за започнување на свој бизнис. Парите ги вложил во компанијата за која работел, поврзана со шумарство, а шест месеци подоцна останал без работа.

Откако останал без ништо започнал да чисти чевли на аеродром во Кејптаун. Се поврзал со луѓе од авиокомпанијата во која претходно имал работено и за да започне свој бизнис како чистач морал да го продаде фрижидерот, автомобилот, позајмил пари од пријатели, успеал некако да спои крај со крај.

„Работев од пет наутро до девет навечер секој ден освен недела. Излегував од дома кога сите спиеја, а кога се враќав мојата ќеркичка веќе спиеше. Тоа беше ужасен период“, раскажува Лере.

Од само двајца вработени за една година и многу вложен труд Лере напредувал така што неговата компанија денес е задолжена за три најзначајни аеродроми во Јужна Африка.

„Успеав да обезбедам кров над глава за себе и моето семејство, ја запишав ќерка ми во приватно училиште. Но, најмногу сум горд што повеќе не работам од утро до вечер туку имам време и за семејството. Најважна работа за успехот е самодовербата. Условите за бизнис никогаш нема да бидат идеални, но никаде нема да стигнете ако не фатите некој правец на движење“, вели тој.

Лере не планира да запре, сега преговара за проширување на работата во Ангола, Кенија и Нигерија, а потоа размислува за проширување во САД и Велика Британија.




Коментари

коментари