Категории

Жената која го спаси „детето-вештер“ прогласена за Најинспиративна личност за 2016

Хуманитарката, која го спаси прегладнетото детенце обвинето за вештерство во Нигерија, стана Најинспиративна личност на светот за годината која изминува.

Ања Рингрен Ловен од Данска остави зад себе личности како Барак Обама, папата, Шарлиз Терон, Далај Лама и Леонардо Дикаприо за да се смести на челната позиција на листата „100 најинспиративни личности“ на германското списание „Ooom“.

Трогателната фотографија, на која Ања му дава вода на напуштеното момче, го обиколи светот во април оваа година.

Ања го спаси и го гледа како свој син малиот Хоуп (Надеж) кој бил обвинет дека е „вештер“ и бил прогонет од семејството. Детенцето цели 8 месеци само преживувало на улица пред да биде земено под закрилата на Ловен, која тогаш изјави: „Хоуп ми е како син. Како сите останати наши деца, го сакам повеќе одошто може да се опише со зборови“.

Благодарение на жената со големо срце, Хоуп денес е среќно момче, кое одлично напредува.

„Ања Рингрен Ловен е зрак надеж и најинспиративна личност за 2016 година. Кога го виде прегладнетото момче, таа дејствуваше како човечко суштество и стана инспирација за милиони лица. Нејзините непрекинати напори да им помогне на напуштените деца од Нигерија ни даваат надеж и нè поттикнуваат да го следиме нејзиниот пример“ – рекол уредникот на списанието за Ања.

На второ место на листата се најде претседателот на САД Барак Обама за неговото залагање за „мир, толеранција и слобода“. Веднаш по него се смести актерката Шарлиз Терон, четвртото место му припадна на папата Францис, додека за петта најинспиративна личност беше избран Леонардо Дикаприо.

Духовниот лидер Далај Лама ја зазеде шестата позиција, а по него следуваа креаторот на Facebook Марк Закерберг, Нобеловката Малала Јусафзаи, музичарот Боб Дилан и бизнисменот Елон Маск.

Целосната листа можете да ја видите тука.

Прегледи:
444
Објавено на:
12.12.2016