Категории

Зошто жените се толку гладни за време на ПМС?

Во деновите пред менструалниот циклус многу жени чувствуваат надуеност, променливо расположение и огромен апетит.

Резултатите од новото истражување покажуваат дека тоа е сосема нормална појава, а дека жените во текот на “оние денови” од месецот внесуваат и до 500 калории повеќе од вообичаено.

Во студијата се наведува дека во текот на деновите пред менструацијата постои желба за консумирање на одредени видови на намирници, особено на благи производи и чоколадо.

Научниците веруваат дека таа потреба се јавува како последица на промените во нивото на серотонин (“хормонот на среќата”), кои се одговорни и за променливото расположение.

Покрај слатките производи кои го “подобруваат расположението”, слично делуваат на прв поглед и јаглехидратите, па поради тоа лебот, пиците, тестенините и пецивата изгледаат толку привлечно.

Но, ако веќе морате да јадете повеќе, пробајте тоа да не биде толку нездраво.

“Жените често ми се жалат дека за време на ПМС-от не можат да им одолеат на слатките и на тестото. Тоа се случува поради тоа што во тие денови нивото на серотонин опаѓа, што доведува до нервоза, плачливост и променливо расположение. Но, интегралните житарици, сушеното овошје, јогуртот и мешункастите плодови се поздрава алтернатива. Ако сте погладни од вообичаено, тогаш потрудете се паметно да ги одберете намирниците”, вели експертот за исхрана, д-р Лимор Баум.

Во истражувањето учествувале 30 здрави жени, на возраст од 18 до 45 години, а анализата на нивните навики покажала дека тие за време на нивниот период на ПМС не јаделе поголеми количини на храна од вообичаено за дневните оброци, но јаделе почесто меѓу оброците. Како резултат на тоа, во текот на просечните три дена на ПМС, просечната жена може да добие и до половина килограм во тежина во однос на килажата за време на овулацијата.

Прегледи:
425
Објавено на:
31.10.2016