#365среќа Ања Ветерова, стипендист на Беркли: „Не се откажувајте од своите соништа, бидејќи еден ден стануваат реалност!

Веселото девојче со извонредни гласовни способности по кои беше препознатлива уште од најмала возраст, прерасна во прекрасна девојка која продолжи да се насочува и гради во музиката, следејќи ги соништата и остварувајќи ги своите цели.

За својата нумера „Рамбамбам“, која е воедно нејзиниот прв проект со со една од најголемите музички продукции во Југоисточна Европа, „Ај Ди Џи Ворлд“, минатата година доби и награда за најталентирана млада пејачка на фестивалот МАРС.

Ја паметиме по нејзиниот одличен настап на „Детска Евроизија“ во 2010 година кога успешно ја претстави нашата земја, а денес нејзините амбиции достигнаа до најпрестижниот музички колеџ во Америка, „Беркли“. Оваа среда во  #365среќа разговараме со Ања Ветерова.

1. За твојот вонсериски талент говори фактот што си примена на музичкиот колеџ за современа музика „Беркли“ во Бостон, САД, добивајќи стипендија за четиригодишни студии. Ова досега им успеа само на неколку талентирани млади луѓе од нашата земја, така што предизвикот да бидеш една од нив сигурно бил огромен. Кој беше твојот најголем мотив да стигнеш до тука?

– Сите сме свесни за важноста на Беркли во музичкиот свет. Јас подобро се запознав со можностите на тој факултет пред 3 години кога ја планирав агендата за лето 2016 година. Еден од плановите за тоа лето ми беше да посетам летен камп со богата музичка програма, па така на интернет пребарував и го најдов летниот камп на Беркли во Валенсија, Шпанија. Така започна мојата приказна со Беркли, а со тоа и најголемиот предизвик да добијам стипендија и да студирам на тој престижен факултет.

Желбата и мотивот да бидам студент на Беркли се последица на летниот програм во кој навистина се пронајдов себеси и сфатив дека таму припаѓам. Бев подготвена да направам се за да го живеам тој сон и затоа максимално покажав се на аудицијата која за мене беше “се или ништо”. Доволно бев свесна дека можноста да добиеш стипендија е многу мала, но сакав да ја пробам својата среќа, односно да видам дали мојот талент ќе го препознае Америка, а одговорот беше ДА.

2. За многумина среќата се поврзува со луѓето кои ги опкружуваат, за други, тоа е поврзано со амбициите и нивната реализација, а некои пак, среќа наоѓаат во секојдневните мали нешта. Што претставува среќа за Ања?

– За мене среќа е кога луѓето кои ги сакам се здрави, среќни и успешни. Но исто така извор на среќа е прегратката на брат ми која секојдневно ја добивам кога ќе си дојдам дома.

 

3. Со твојот хит „Рамбамбам“ внесе свежина во македонската музика, и од визуелен и од интерпретаторски аспект. Кои се твоите идоли во музиката и колку е тешко да го презентираш својот талент земајќи ја в предвид моменталната монотонија која владее на нашата естрадна сцена?

– Благодарам за убавите зборови за “РамБамБам”. Мој идол е Бијонсе. Жена, мајка, уметник, хуманист, феминист… успешна во секое поле. Би сакала еден ден да имам таква успешна кариера како нејзината. Јас отсекогаш кажувам дека патот до славата е трнлив и неможе секој да оди по него. Мора навистина да веруваш во својот талент и да имаш големи амбиции за да успееш. Не е се така сјајно како што изгледа. Има моменти кога мислиш дека никој друг не верува во тебе освен ти самиот. Во такви моменти најважна е вербата во себе, бидејќи секогаш ќе има добри и лоши денови. Но најважно е кога ќе се искачиш по тој пат да знаеш да останеш приземно на врвот со исти особини кои си ги поседувал. Тоа е вистинска ѕвезда.

Кога станува збор за ситуацијата во нашата земја навистина ми е криво што музиката ја нема и постепено пропаѓа. Јас не сум се откажала од македонската музичка сцена, но моментално тргнав во поход по Балканот.

4. Кои се твоите планови за во иднина и која е твојата порака за сите оние млади луѓе кои имаат замисла и мечтаат да успеат во животот, но потребна им е мотивација и поттик?

– Моите планови пред заминувањето на Беркли се да и подарам уште неколку хитови на мојата публика и да завршам успешно средно образование. А за понатаму најголем план е успешно да се претставам на Беркли и да запознаам многу талентирани музичари. Мојата порака до сите млади луѓе кои сакаат да успеат во животот е да не се откажуваат од своите сонови, бидејќи еден ден тие стануваат реалност. Верувајте во себе!




Коментари

[fbcomments]