#365среќа Димитар Ѓорѓиев, сопственик на КБК Работнички Адора: „Разликата меѓу победниците и останатите е што првите продолжуваат со уште понапорен тренинг по поразот“

Во ова издание на #365среќа уживавме во разговорот на Бродот на среќата со Димитар Ѓорѓиев, најдобриот македонски кик-боксер кој зад себе има три титули – светски шампион и многу други награди и признанија. Покрај многубројните успеси тој е сопственик на КБК Работнички Адора каде што покрај активностите во кик бокс за професионалци и рекреативци, ви нуди можност да тренирате Функционален Фитнес и Burn it up, а од неодамна и група за деца кои од најмлади години сакаат да се запознаат со кикбоксот и сите благодети кои ги носи спортскиот живот.

Кристина: Која е тајната на твојот успех, како се фокусираш на твојот противник на патот кон победата?

Димитар: Нема посебна тајна за успех, важно е само да работиш многу и да не очекуваш моментален успех. Кога станува збор за моите противници, пробувам да не гледам до кого се борам, едноставно да си го одработам тоа што сум вежбал.

Кристина: Она што многумина ги интересира е како се чувствуваат борците кога ќе бидат поразени во рингот. Колку треба да си психички подготвен за тоа?

Димитар: Најважен момент е реакцијата на борецот после поразот и времето поминато после пораз бидејќи нема потешко од тоа, особено ако знаеш дека си дал сѐ од себе. Разликата помеѓу победниците и останатите е што првите продолжуваат со понапорен тренинг по пораз.

Кристина: Колку е тешко да се подготвиш за натпревар и кој беше твојата најголемата поддршка за успех?

Димитар: Напорно е, повеќе психички отколку физички, едноставно секој ден не ти се вежба. Мојата најголема поддршка се моите најблиски кои секогаш ме поддржуваат.

Кристина: Сопственик си на КБК Работнички Адора каде што покрај активностите во кик бокс за професионалци и рекреативци, нудите можност за тренирање Функционален Фитнес и Burn it up. Покрај тоа, дел од КБК Работнички Адора е и детската група која им овозможува на најмладите да се запознаат со овој спорт. Како си задоволен од заинтересираноста за тренинзите?

Димитар: Пресреќен сум што имаме многу групи со најразлични активности. Сите групи се полни, но најинтересна е детската група. Мило ми е што родителите го напуштаат негативниот став кон Кикбокс спортот.

Кристина: Кој е твојот совет до младите борци кои штотуку почнуваат или планираат да започнат со кикбокс?

Димитар: Би ги посоветувал да се запишат рекреативно и да си дадат време за да можат да навлезат во спортот, бидејќи доаѓањето во сала со цел да бидеш борец може во иднина да ти направи непотребен притисок.

 

Разговорот го водешеКристина Поптрпева

ЛокацијаБродот на среќата

Стајлингivaspasovska_atelie




Коментари

[fbcomments]