Категории

#365среќа Дритон Вејсели: „Улогата на Талат дозволи јас енергетски и креативно да експлодирам“

Актерот Дритон Вејсели кој имавме можност да го гледаме во серијата „Преспав“ со секоја наредна епизода сѐ повеќе ги освојуваше нашите симпатии поради неговиот талент и умешноста да нѐ насмее перфектно доловувајќи го ликот на Талат, рецепционерот во пансионот.

Млад, талентиран, уметничка душа која е вљубена во сликарството, музиката, а пред сѐ глумата. На задоволство на публиката тој е еден од актерите на „НУ Театар Комедија“ и понатаму ќе имаме можност да уживаме во неговите улоги во овој театар. Во ова издание на #365среќа разговараме со него.

1. Како започна соработката со екипата која ја реализира серијата Преспав и што беше пресудно токму ти да ја добиеш улогата на Талат?

Мојата авантура наречена „Преспав“ започна кога најмалку очекував во мојот живот. Во 2016-та година кога бев штотуку дипломиран (тазе) актер и поминував низ тешка фаза која верувам сите млади актери ја преживуваат, добив телефонски повик од ОХО продукцијата за проектот наречен Преспав. Во тие моменти кога имав многу дилеми околу животот и мојата актерска кариера „Преспав“ беше шанса која не смеев да ја пропуштам, а улогата на Талат дозволи јас енергетски и креативно да експлодирам.

2. Кој е Дритон приватно и како изгледаа твоите почетоци во актерството?

Откако се знам себеси уживам во уметноста. Првично бев заљубен во сликарството, па потоа станав страстен љубител на филмот и музиката. Ме фасцинираат сите форми на уметноста зашто се што не опкружува на некој начин е уметност. Мојата љубов кон филмот прерасна во љубов кон актерството па така продолжив да се интересирам за таа форма на уметност.

3. Преку улогата на Талат можеме да забележиме дека комедијата е правец во актерството кој одлично се вклопуваш, внесувајќи свежина и хумор на еден специфичен и уникатен начин. Дали тоа значи дека целосно ќе се посветиш на комедијата и понатаму публиката ќе може да те гледа во „НУ Театар Комедија“?

Можам да кажам дека комедијата ми се допаѓа бидејќи дава простор за ширење на позитивна енергија, но тоа не значи дека помалку ја сакам драмата. Сега, во овој период сум посветен на комедијата и театарот, а „НУ Театар Комедија“ е мојот домашен терен.

4. Кога ќе помислиш на среќа што е првата мисла што ти паѓа на памет? Што е среќата за тебе?

Многу работи ми паѓаат на памет кога ќе помислам на среќа, не би можел конкретно да кажам што, зашто сметам дека среќата е во малите нешта. Јас мислам дека среќата е како бумеранг, ако можеш некого да направиш среќен таа среќа ќе патува и ќе се врати. Среќен сум кога сум во друштво на позитивни луѓе, кога сум со моето семејство, а најсреќен сум кога глумам.

5. По големиот успех во серијата Преспав јавноста е љубопитна кога станува збор за твоите идни планови? Што може да очекуваме од тебе?

Сега сум посветен на театарската уметност, се разбира не може да се планира иднината, но би ми било предизвик да остварам филмска улога.