#365среќа Ѓорги Галетановски: „Зоолошката градина Скопје е најпосетената институција во државата. Следуваат уште многу иновации во забавниот дел“

Зоолошката градина Скопје претставува еден од главните симболи на нашиот град која е дом на голем број животни, цицачи, птици, влекачи. Во изминативе два месеци сведоци сме на многу новости, а поради тоа Зоолошката градина никогаш не била толку посетена. Еден од главните „виновници“ за тоа е директорот на Зоолошка градина Скопје, Ѓорги Галетановски.

Употребувајќи ги своите стекнати вештини од менаџерскиот сектор успеа да формира тим кој се грижи Зоолошката градина да биде локација која секој сака да ја посети, анимирајќи ги најмладите со забавни содржини и проекти. За љубовта и грижата кон животните, успесите на Зоолошката градина и посетеноста, во ова издание на #365среќа зборуваме токму со него.

 

По вашето назначување за директор на Зоолошката градина Скопје, мал дел од јавноста негодуваше бидејќи дојдовте од менаџерскиот сектор, меѓутоа за кратко време внесовте ред и свежи идеи во водењето на оваа институција, а за тоа говори големата посетеност и искрените детски насмевки. 

– Токму така. На почетокот се соочував со мала доза на скептицизам и различни коментари, меѓутоа менаџирањето е од клучно значење за успешното водење на институција каква што е Зоолошката градина во Скопје. Јас бев поставен за да оформам тим, да донесам иновации, инвестиции и успешно да ја менаџирам оваа институција, бидејќи во неа е вработен професионален кадар на зоо негуватели и ветеринари кои треба да бидат координирани за да функционираат на правилен начин, а токму тоа е една од моите задачи тука.

Какви се резултатите досега и со што би издвоиле како најголем успех за овој краток период од два месеци откако сте на функцијата директор на Зоолошката градина на Скопје?

Како што најавив, проектот Европска Зоолошка ќе започне кога ќе ја доведеме хигиената и условите за живот на животните во институцијата на највисоко ниво. Со поддршка на градските власти и директорите на јавните претпријатија се погриживме за хигиената, а сега започнуваме со реставрирање на живеалиштата. Паралелно со ова, ја започнавме и кампањата „За здрави и среќни животни“ која со задоволство ја поддржаа буквално сите јавни личности, без размислување. Ова е од големо значење, бидејќи акцентот се постави на подигнување на свеста кај посетителите дека не смеат да ги хранат животните.

Она што дополнително ме радува е зголемената посетеност во овие два месеци, која според статистичките податоци, споредена со изминатата година е двојно поголема. Сега имаме околу 11 000 посетители неделно, со што можеме нескромно да се пофалиме дека Зоолошката градина е најпосетената институција во државата.

На големо задоволство на најмладите, на вашиот тим му се приклучи и Војо Иванов, кој е особено популарен кај децата. Како се случи тоа?

Јас претходно имав слушнато за Војо и неговата љубов кон рептилите и воедно кон животните, но лично не го познавав. Го гледав неговото гостување во една емисија и ја препознав неговата визија која одлично би се вклопила со нашиот проект Европска зоолошка за Скопје. Го повикав на состанок и лично се уверив дека тоа е неговиот сон, дека сака животни и се грижи за нив и дека заслужува место во нашиот тим.

Тој сега успешно го води своето „Zoo keeper“ шоу, посетителите секој викенд се сè побројни, а во иднина не се сомневам дека бргу ќе ја совлада работата со слоновите.

Кои се вашите следни планови?

Посетителите може да очекуваат многу иновации во забавниот дел. Ќе продолжиме да ја градиме зоолошката во европски стил, бидејќи Скопје заслужува место каде што родителите ќе можат да ги однесат своите деца да уживаат, да се едуцираат, да ја развијат својата љубов кон животните. Нашиот главен фокус е создавањето програма која ќе ги задржи посетителите и ќе ги натера да го поминат поголемиот дел од денот овде.




Коментари

коментари