#365среќа Ивана Наскова: „Во ред е да бидеме и тажни, но секогаш мораме да избираме среќа“

Кога ја носите креативноста во себе, надополнета со амбициозност и јасни цели сè е возможно. Во денешното издание на #365среќа со задоволство разговараме со Ивана Наскова која успешно се пронајде во повеќе професии. На јавноста и е позната како водителка, стенд ап комичарка и писателка – различни, но сепак сродни професии кои првенствено ги поврзува јасната мисла и умешноста да се пренесе приказната на гледачот, слушателот или читателот, да го заинтригира и да го задржи неговото внимание.

 

1. Јавноста најмногу те запозна по твојата телевизиска емисија „На шанк“ поради својот поинаков пристап кон гостите, спонтаноста и забавниот карактер на емисијата. Како се јави твојата желба кон медиумите и од каде ја црпиш инспирацијата и позитивната енергија?

Љубовта кон медиумите доаѓа од мојот татко кој беше новинар и уживаше во својата професија до толку многу што несвесно таа љубов ми ја пренесе и мене кога на само 6 години за прв пат седнав пред микрофонот и почна магијата на радиото. По само неколку години започнав и со телевизиски детски емисии и еве ме денес не успевам да се откачам од оваа професија. Ја сакам енергијата која ја има оваа професија, иако знае да биде многу стресно и динамично во исто време е работа во која запознаваш многу супер луѓе и баш од таму ја црпам мојата инспирација и позитивна енергија.

2. Твојот прв роман „Совршениот странец“ доби многу позитивни критики од вљубениците во пишаниот збор, но не застануваш тука бидејќи најави и втора книга. Што може да очекуваат читателите од твоето второ дело?

„Совршениот странец“ ми е особено драго што е книга која за брзо време ги освои читателите со својата приказна која всушност е многу реална и блиска на скоро секој од нас. Втората книга е веќе момент каде јас се почуствував многу похрабра и сигурна во себе како писател и решив да напишам и раскажам една животна приказна која има многу длабоки емоции. „Вети ќе ме сакаш“ нема да биде роман со среќен крај, оваа книга е потсетување дека животот понекогаш не дава втора шанса и треба да бидеме многу внимателни со изборите кои ги правиме и одлуките кои ги носиме. Некои од нив засекогаш може да ни го променат животот.

3. Добрата смисла за хумор е одлика на интелигентните луѓе, но исто така за нив се вели дека патат повеќе од останатите, но ја кријат болката позади хуморот. Дали важи ова и за тебе и како успеваш да се избориш со потешките периоди во животот?

Мислев дека јас сум имала тежок период во живот но еднаш слушнав животна приказна на човек од која ми се скрши цело срце. Немав слушнато ништо потажно и потешко од тоа дотогаш. Но и покрај сите загуби и целата борба тој беше највеселиот човек на цел свет, полн со љубов и емоции. Тогаш сфатив дека секогаш има луѓе на кои им е многу потешко од нас, кои поминале вистински пекол во животот, а сепак ја имаат најубавата насмевка и не се жалат. Мораме да научиме да бидеме силни и да преминеме преку се што животот ќе ни спреми. А што се однесува до хуморот, ако не можете да им помогнете на луѓето бар пробајте да ги насмеете.

4. Велат, можеш да имаш се, но ако немаш среќа залудно е. Што претставува за тебе среќа и дали се сметаш за среќна личност?

Среќа се луѓето кои ги сакам и ме сакаат! Имам луѓе околу мене без кои не можам и не сакам да функционирам. Ги сакам и ме сакаат и тие се мојата среќа! Себеси се сметам за многу среќна личност затоа што тоа е мојот избор, ДА БИДАМ СРЕЌНА! Од време навреме знам да бидам и тажна, но тоа е човечки. Во ред е да бидеме и тажни, но секогаш мораме да избираме СРЕЌА!

5. По се она што досега го имаш постигнато верувам дека имаш многу планови. Што може да очекуваме од тебе во блиска иднина?

Од септември планираме враќање пред камерите и реализација на ток-шоу кое верувам дека ќе биде вистински погодок за публиката која одамна бара телевизиска програма која не е турска серија или нешто од кое се откажувате од гледањето телевизија J Се враќаме и на стенд-ап претставите и се разбира промоцијата на втората книга „Вети ќе ме сакаш“.




Коментари

коментари