Категории

#365среќа Катерина Ангеловска: „Да се живее во хармонија со Универзумот значи да се живее исполнет живот, со радост, љубов и изобилие на секое ниво“

Да успеете позитивно да влијаете врз другите, насочувајќи ги кога се чувствуваат изгубено, мотивирајќи ги во моменти кога се чувствуваат безнадежно е многу потешко отколку што изгледа. За нејзините почетоци, за среќата, за успехот и уште многу други нешта, во ова издание на #365среќа на наше големо задоволство зборуваме со Катерина Ангеловска, прв сертифициран тренер за принципи за успех, личен развој и мотивациски говорник.

Дали Ви беше потребно време за да се спознаете себеси и да сфатите што сакате и што е тоа што ве исполнува? Која беше Катерина пред да биде прв сертифициран тренер за принципи за успех и личен развој?

Живееме во навистина возбудливо време, каде на најдлабоко ниво на свест се случува радикална спиритуална трансформација. Соочени сме со предизвикот да го замениме стариот начин на живеење кој не функционира, со нов начин на постоење. Во стариот свет бевме целосно посветени на надворешните фактори, и верувавме дека материјалниот свет е единствената стварност. Сето тоа не правеше да се чувствуваме празно и осамено, и никогаш не ни донесе чувство на длабока исполнетост, задоволство, радост, љубов и хармонија по која отсекогаш сме трагале.

Новиот свет е една нова димензија на битисување сега и овде. Нејзината основа за егзистирање подразбира свесно разбирање дека во Универзумот постои Висока интелигенција, Креативна сила и моќ, која претставува извор и фундамент на целокупоното постоење.

Со отворен ум и отворено срце ја прифатив оваа промена која веќе и се случува на нашата планета и го живеам новиот свет. Мојата авантура на личен и духовен развој трае повеќе од 20 години и за мене претставува можност за враќање “дома”. Бев растргната и одвоена, условена, полна со програми и парадигми, наталожени емоции, нерасчистени односи, наметнати вредности, лимитирачки верувања, во постојана борба со рационалниот и реалистичен ум кога ја започнав потрагата по мојата вистина. Сега ја живеам новата ера во мојот живот. Свесно ја препознавам и го живеам мојот копнеж. И во целиот овој процес на лична трансформација го добив повикот да бидам вистински креативен канал, да ги инспирирам и мотивирам луѓето да ја пронајдат големината и моќта во себе и да живеат живот во хармонија и љубов.

Познати сте и по несекојдневните работилници кои секогаш се посетени и остануваат забележани. Со какво искуство се стекнуваат присутните и што им порачувате на сите оние кои сакаат да бидат дел од нив?

Се додека се поврзуваме со внатрешната свесност, учиме дека креативната сила на Универзумот се наоѓа во нас, и учиме дека ние сме креатори на нашата реалност и преземаме целосна одговорност за неа. Информациите кои ги носиме во себе, се како брановите што се наоѓаат на површината, од каде и произлегува нашето однесување. Не постои начин бранот да ја запознае длабочината се додека е бран, потребно е бранот да исчезне во длабочината и тогаш да ја запознае. А длабочината е нашата имагинација бескрајна во своето постоење, непредвидлива, жива. Потребно е да се ослободиме од обвинувања и жалења, од осуда, од чувствата на страв, омраза, лутина и бес. Потребно е да станеме свесни и да бидеме љубов, бидејќи ние тоа го заслужуваме.

Промената се случува на индивидуално ниво, но бидејќи ние сме дел од колективната стварност колку е поголем бројот на луѓе кои свесно битисуваат во новиот свет, толку поглемо ќе биде влијанието на колективната свест. Да се живее во хармонија со Универзумот значи да се живее исполнет живот, со радост, љубов и изобилие на секое ниво.

Вашата мисија е да ги мотивирате и насочите другите кон успехот и своите желби и потреби, а што е она што Ве мотивира Вас?

Ме мотивира љубовта, ме мотивира свеста, ме мотивира будното дејствување. Да одам надвор од моите граници и да искусувам љубов во секој облик. Ме мотивираат разбудени луѓе кои доаѓаат на моите работилници и свесно работат на личната идуховна трансформација. Ме мотивираат утрата, нашиот прекрасен градски парк. Ме мотивира љубовта на мојот партнер, ме мотивира природата, патувањата и дружењата. Ме мотивира будната свесност да живеам во светлина сега и овде.

Можеме ли да бидеме исполнети и среќни доколку се плашиме да излеземе од комфорната зона? И што е она што кај Вас ја буди една од најубавите емоции – среќата?

Колку сте подготвени да го отпуштите товарот кој го носите со себе од минатото, ќе ви даде можност  што поскоро да излезете од комфорната зона во која се наоѓате. Човечкиот ум не е расположен да се ослободи од минатото. Има една прекрасна приказна за двајца зенистички монаси, Танзан и Екидо. Тие двајцата оделе по еден селски пат кој бил доста калив после големо невреме. Како се движеле по патот виделе во далечината некоја девојка која безуспешно се обидувала да го помине патот, бидејќи калта била доста длабока, а таа била облечена во свилено кимоно. Танзан без размислување се упатил кон девојката, ја зел во своите раце и ја пренел преку калта. После овој настан двајцата монаси во тишина продолжиле да се движат по патот. После пет часа, Екидо не можел повеќе да се воздржи и го прашал својот пријател Танзан: „Зошто ја пренесе девојката преку патот. Ние монасите не би требало да правиме вакви нешта“. Танзан му одговорил: „Јас ја оставив девојката пред 5 часа, а ти сеуште ја носиш со себе.“

Нашата приказна се состои од ментални и од емоционални сеќавања, кои постојано ги потхрануваме со нашите мисли и на тој начин носиме огромен непотребен ментален и емоционален товар. Вистинскиот извор на страдањето во светот е стравот, болката и незнаењето. Потребно е да ја поттикнеме личната трансформација, да се ослободиме од товарот кој го носиме во себе, да станеме свесни за нашите програми и да работиме на нивно свесно освестување, да отпуштиме и да ослободиме простор во нашето срце за љубов која целосно ќе не исцелува.

Среќата ние ја создаваме, преку нашите мисли, преку нашето будно дејствување, преку нашата љубов, преку нашето битисување сега и овде, преку прифаќањето, свесно уживање и живеењето со страст и ентузијазам.

Што би им препорачале на сите оние луѓе, без разлика на годините, кои не можат да соберат храброст да ги следат своите соништа, па поради тоа се чувствуваат нереализирани и неисполнети?

Постојат два најзначајни дена во животот на еден човек – Денот кога сме родени и денот кога ќе откриеме зошто. Имаме многу слоеви околу нашето вистинско Јас, кое го задушуваат тоа што го сакаме, нашиот копнеж. А копнежот е во основата на создавањето, креатор, мотивирачка сила која не смее да биде потисната и потценета. Само копнежот може да ја придвижи креацијата. Ако ги потиснеме сите копнежи колку живи ќе се чувствуваме?! Креативната енергија е неисцрпна, верувајте во себе и своите потенцијали, верувајте во љубовта која се наоѓа во вас, слушајте го внатрешниот глас, пронајдете го вашиот копнеж и започнете да креирате. Никогаш не е доцна да го живеете вашиот сон.