#365среќа Марјана Станојковска: „Вистинската и сигурна среќа многу повеќе е дар на мислите и срцето, отколку дар од надворешниот свет“

Марјана Станојковска важи за една од најубавите Македонки, а и многубројните титули на изборите за убавина го потврдуваат тоа. Покрај тоа, таа многупати ги покажа пред јавноста своите многубројни таленти, докажувајќи дека една дама може да успее во секое поле доколку верува и вложува во себе. За нејзините идни планови, проекти како и негата и третманите во кои ужива, разговараме во ова издание на #365среќа.

1. Ти си едно од најпознатите ТВ лица кај нас, заштитно лице на многу брендови, водителка, модел, а имавме можност да видиме дека одлично се снаоѓаш и во танцувањето. Како успеваш да најдеш време за сите овие обврски и како го поминуваш слободното време кое ти преостанува?

Ти благодарам пред се на убавите зборови. Трката со времето се уште никој не успеал да ја добие, но се трудам да функционирам во хаосот кој ни го наметнува денешниот начин на живот. Да се биде продуктивен значи да знаеме како да го распоредиме и искористиме своето време рационално. Тоа подразбира да имаме рационален план со кој ќе можеме полесно да ги организираме обврските една по една. Ги одредувам своите приоритети и се трудам максимално да го искористам времето.

Слободното време сакам да го искористам на креативен начин. Неизмерно е чувството кога ќе создадеш нешто ново и единствено. Сакам да цртам, посебно ликови на жени кои искажуваат одредена емоција како: среќа, возбуда, тага, загриженост… Како што спомена во прашањето го сакам исто така и танцувањето, па во слободно време смислувам разни кореографии за латино танци, регетон, Зумба со оглед на тоа дека веќе неколку години сум лиценциран Зумба инструктор. Танцот е феноменален двигател на добрите вибрации. Ослободете го духот и танцувајте, затоа што танцот како и смеењето позитивно влијае на нашето расположение и на нашето здравје. На мое огромно задоволство можам да ви најавам дека наскоро планирам да оформам група за дечиња кои што ќе ги изучуваат овие танци.

2. Меѓу другото, ти си и бренд амбасадор на Anti aging center by Promoitalia. Кои се твоите омилени третмани и услуги во најпознатиот центар за убавина?

Брендот Promoitalia е докажан во светот, мило ми е што и кај нас се отвори еден таков центар. Соработката со Anti Aging Center by Promoitalia трае веќе неколку години на взаемно задоволство. Од преубавиот амбиент до стручниот персонал имам само пофални зборови. Во центарот се води евиденција за сите ваши третмани со што се прати состојбата на вашата кожа од страна на специјализиран доктор. Располагаат со најсовремена апаратура, потоа најефикасни препарати за нега на кожа, безиглени процедури, мезококтели, PRP, најдобрите филери, како што е Teosyal од lab Teoxane филер број 1 во светот.

Еден од моите омилени третмани кои во последно време ги практикувам е пилингот со активен карбон. Овој пилинг се разликува од обичниот хемиски пилинг бидејќи првенствено содржи активен карбон, кој делува како магија на вашето лице. Ја подобрува текстурата на кожата, ги отстранува мртвите клетки на површниот епидермален слој, стимулира колаген има лифтинг ефект и комплетно ја чисти и ја обновува кожата на лицето. Потоа не можам а да не го споменам Pro2Son апарат со чија помош се внесува чист кислород директно во кожата на лицето. Со само неколку третмани со овој апарат вашата кожа ќе стане посјајна и поздрава, а тенот изедначен и свеж. Исто така со помош на овој апарат се нанесува коктел од витамини неопходни за здрав изглед на нашата кожа. Станува збор за безиглена мезотерапија и коктели кои се нанесуваат во зависност од типот на кожата и ефектот кој треба да се постигне.

Би ја издвоила и процедурата Фоторејувенација со помош на IPL ласер, со што се постигнува изедначување на проширените пори, отстранување на флеките и капиларите на кожата на лицето, вратот и деколтето. Светлосната сила на IPL ласерот е способна да достигне до длабоките слоеви на кожата, стимулира продукција на нов колаген кој овозможува ревитализација на кожата. Тука е и лимфната дренажа – одличен третман за синдром на „тешки нозе“ елиминација на вишокот на течности и штетни материи од организмот. Секако тука е и медицинската масажа која е неизоставен дел од мојата неделна агенда.

3. Поради природата на твојата работа, постојано имаш можност да гледаш среќни лица кои успеале да ја освојат лото наградата. Што е она што те прави тебе среќна?

Вистинската и сигурна среќа многу повеќе е дар на мислите и срцето, отколку дар од надворешниот свет. Среќата ја сочинуваат мали ситници и не ја барам во некои големи нешта. Поради брзиот начин на живот често не успеваме да уживаме во оние мали нешта кои ни го носат тоа непроценливо чувство на радост. Секогаш мислиме дека ќе бидеме посреќни доколку ни се случи нешто што посакуваме или пак дека сме биле посреќни во минатото, а забораваме да живееме во сегашноста и да почувствуваме радост во сегашниот момент. Се радувам на оние мали често неочекувани ситници во животот кои ми ја враќаат насмевката на лицето. Времето поминато со моите блиски, со оние кои бескрајно ми значат, топол сончев ден, утринско кафе, неочекуван чин на љубезност, мирисот на расцветаните дрвја во Скопје кога доаѓа пролет, мирис на штотуку зготвена чоколадна торта со портокал, музика која те предизвикува да танцуваш, искрена насмевка… Сето тоа ме прави среќна.

4. Дали може да очекуваме некои нови проекти од тебе во иднина?

Имам еден куп идеи и замисли кои би требало да се реализираат. Почнувајќи од ТВ проекти па до разни други нешта кои пополека се подготвуваат. Нема да откријам пред време се дур не е сѐ финализирано. Покрај овие новитети работам моментално и на подготовка на годинешната „Матурска парада“, манифестација која е поддржана од Делегацијата на Европска Унија кај нас, а во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и танцовиот клуб Ритам Плус. Како долгогодишен водител на овој настан и дел од организацискиот тим желба ни е оваа година да се вклучат што е можно повеќе средни училишта од поголем број на општини во нашата земја, приклучувајќи се на големата бројка матуранти во Европа, со цел да се постигне поголема масовност и воедно да се испрати основната порака на манифестацијата која е повик за ненасилство, мир и толеранција меѓу младите.

5. Кое е твоето животно мото?

Верувај во себе за да другите веруваат во тебе.




Коментари

коментари