#365среќа Милана Митовска: „Седумдесетите и осумдесетите години се епитом за вистинска среќа која младите генерации полека ја забораваат“

Добитничката на овогодинешниот конкурс РОМАНИЈАДА, распишан од страна на издавачката куќа „Култура“ е младата Милана Митовска. Иако има само шеснаесет години, таа успеа да победи на овој конкурс, раскажувајќи приказна која воодушевува, полна со емоции. За промоцијата на нејзиниот роман, среќата и нераскинливата врска помеѓу уметноста и животот, во ова издание на #365среќа зборуваме со Милана.

1. Ти си овогодинешниот добитник на РОМАНИЈАДА – конкурс за најдобар роман меѓу младите неафирмирани македонски автори, распишан од издавачката куќа Култура. Како дојде до идеја да се пријавиш на овој конкурс?

Самиот почеток на целата оваа приказна е доста интересен бидејќи всушност јас не бев иницијатор туку мајка ми. Минатата есен заедно со мојот татко, случајно влегле во Култура за да купат книга. Меѓувремено почнале да зборуваат колку би било убаво и мојата книга да биде во печатена форма, а вработените во Култура тоа го слушнале и учтиво им пристапиле да ги известат за конкурсот. Кога ми кажаа веднаш се пријавив бидејќи ова за мене е сон од кога знам за себе.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Издавачка куќа Култура (@knizarnicakultura) on


2. Иако имаш само 16 години, твојата зрелост во пишувањето и изразувањето воодушевува. Како започна љубовта кон пишаниот збор?

Мојата љубов кон пишаниот збор започна уште како дете кога пишував кратки раскази и песни, а во посериозна љубов се претвори во текот на тинејџерството кога почнав да се запознавам со одредени сегменти од животот вредни да бидат пренесени на лист хартија. Кога се навраќам на сето тоа, некои ги сметам за доволно добри, а некои едноставно не се својствени за мене, но тоа е нормална работа бидејќи со текот на времето го менуваме вкусот и начинот на кој размислуваме.

Пишувам како се чувствувам и како размислувам во тој даден момент, без дупло проверување на мислите и барање на инспирација. Едноставно сите мисли кои ми се вртат во главата, ги пренесувам на хартија. Ред по ред и на крајот сето тоа преминува во една целост. Ако почнам да размислувам што ќе напишам, тоа нема да биде природно, а тоа не сум јас. Кога постојано се трудиш да создаваш, да гледаш што не е видливо, да одиш пред времето – се раѓа одредена уметност. На крајот околу нас поминува сѐ и останува само душата. А мојата душа е пишувањето.

3. Секој кој ќе го прочита твојот роман „Јас ќе бидам поет, а ти мојата ПОЕСИА“ ќе почувствува љубовна приказна со доза трагедија во неа. Од каде ја црпиш инспирацијата?

Светло и темнина. Живот и уметност. Две различни работи. Ако се сфати сличноста помеѓу нив, тогаш откритието е на прагот и делото настанува само по себе. За сѐ е потребно чувство. Болката најмногу буди инспирација, но не се сите исти, па може да се оди бескрајно во недоглед. Но, нешто во кое сите може да се пронајдеме е љубовта како основа на нашето постоење. Ретки се оние кои одат по умот, срцето и душата, па веројатно поради тоа се и уметници – несфатливи, чудни.

4. Што претставува среќата за една млада девојка која секојдневно го истражува светот и умее одлично да ги пренесе своите емоции на хартија?

Најголема среќа за мене беше самото издавање на книгата, целиот тој процес и самата промоција. Се случија голем број на чуда и коинциденции, но како што еднаш кажа еден мој пријател, „Самото случајното не е случајно, а се друго е случајно.“

Онака во секојдневниот живот реално се радувам на ситници бидејќи сметам дека всушност тие претставуваат вистинска среќа. Секогаш сум среќна кога имам слободно време да останам доцна до ноќта за да слушам касети или плочи и да пишувам. Обожавам да излегувам во природа и да запознавам ексцентрични луѓе. Свирки во парк, мојата гитара и неколку акорди кои ја раскажуваат младоста на старите мајстори. Толку многу убавини – а толку малку време. А сето тоа може да го добиеме ако почнеме да живееме како луѓето во седумдесетите и осумдесетите. Тие години се епитом за вистинска среќа која младите генерации полека ја забораваат.

5. Кои се твоите први впечатоци по издавањето на првиот роман и каде се гледаш во иднина?

Се чувствувам како сето ова да било еден сон од кој наеднаш се будам и се прашувам дали навистина се случи. Мислам дека нема зборови со кои можам да го објаснам чувството кога прв пат ја допрев мојата книга и се соочив со нејзините страници. Нема поголема среќа кога ќе успеееш да го овековечиш своето постоење и она што длабоко лежи во тебе.

Не би можела да кажам каде се гледам во иднина бидејќи сметам дека треба да се живее во моментот, но би можела да кажам каде и како се замислувам. Би можела да се најдам во некој стар град во Италија како шетам по големи библиотеки, пијам топло горко кафе, живеам во мал стан кој се наоѓа во некој уметнички хаос, пред мене прекрасно зајдисонце, а јас пишувам или свирам гитара. Она вистинското – љубов и уметност. Бидејќи животот е уметност и уметноста е животот.




Коментари

коментари