Чек дис аут
Search


#365среќа Митрополит тетовско-гостиварски г. Јосиф: „Среќата е средбата со некого,човекот е битие за заедница, не за самотија“

„За среќа е потребно малку“ – тоа е фраза која постојано ја слушаме. Но, дали навистина правиме нешто за да ја постигнеме среќата кај себе и кај другите, или пак чекаме едноставно да се случи? За среќа, постојат луѓе кои животот го посветуваат на правењето добри дела, работејќи чесно, со цело срце, искрено и посветено со верба во Бога. Тој е најмладиот владика во Македонската православна црква-Охридска архиепископија и дава безусловна љубов, грижа и посветеност кон децата што растат без родители. Во ова издание на #365среќа на наше големо задоволство разговараме со Митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф.

 

1. Вие сте најмладиот владика, а воедно за вас се вели дека сте поразличен од останатите особено поради вашиот пристап и посветеност кон децата. Што беше пресудно да се одлучите за оваа професија и начин на живот?

Уште од богословските денови, од времето поминато во Богословијата, во мене се разгоре желбата за живот посветен на Бога во целост. Тоа значеше живот во подвиг, во „лишување“ од светот и светските нешта, живот во послушание,живот во монаштво. Причина беа неколку моменти: воодушевеноста од монашкиот подвиг, кој зрачи со посебна мистика, со хармонија, со совршенство; потоа неколку примери кои ми станаа и останаа двигатели во животот и, секако – Господ Исус Христос, во чија личност има инспирација за секого, има повод за следба. Затоа, би рекол, ова за мене не е професија, туку е живот. Сите напредувања подоцна, дојдоа како Божја волја, а за мене значеа послушанија на кои треба да се одговори.

2. Секојдневно сте во директен контакт со младата популација кај нас нас. Дали сметате дека се доволно едуцирани за религијата и што треба да се преземе за да се доближи веронауката поблиску до нив?

Нашиот народ вели дека некои вечно остануваат деца, во смисла на чистота, на желбата за игра, на весела интеракција… Па би рекол дека детското во мене, кое се трудам да не исчезне, е можеби тоа што ме успокојува и радува во моментите со обврски, кои неретко се и моменти со грижа и тешкотии. Оттаму и мојот природен порив да се поврзувам со младите. А младиот човек е трагач – трага по вредностите, по одговорите во животот. Затоа е потребно и да биде правилно насочен. Затоа е насушно верата да биде дел од животот на младиот човек, и да остане суштествен дел до староста. Верата се учи во семејствата, па затоа родителите се тие што треба да ја знаат и да ја сведочат со пример на своите деца.

Потоа верата се учи во образовната средина – а тука нашата држава потфрла, не наоѓајќи ни мотив ни волја да го воведе религиското образование во најдобриот облик во образованието. А ако го погледнеме нашето опкружување или, пак, некои поразвиени земји, ќе видиме дека таму самата држава се грижи за тоа на своите граѓани да им го обезбеди ова право. Ние како Црква се обидуваме овој недостаток да го надополниме со школите по верска поука кои ги организираме преку неделите или во самиот ден недела. Но ефектот не е посакуваниот.

3. Со вашата одлука да му служите на Бога, но уште повеќе со вашата предаденост и хуманитарна работа, секојдневно сте сведоци на среќни лица на кои им е потребно малку за да се израдуваат. Како ја дефинирате среќата?

Етимолошки, среќа потекнува од зборот срешта, што значи средба. Оттаму, среќа е средбата со некого, сатисфакцијата од сретнувањето со другиот, со луѓето. Човекот е битие за заедница, не за самотија.

4. Како го поминувате вашето слободно време, дали сте љубител на спортот и кој е вашиот омилен спортист?

Се трудам слободното време да ми биде време во кое нема да мислам на обврските, да направам одмор од обврските. Затоа се трудам да се занимавам со нешто што ќе ме исполнува и ќе ми ја насочува волјата, мислите итн… Знам слободното време да го поминувам во читање, во патување до места кои имам желба да ги посетам. Секако дека го сакам и спортот, во домашни услови секојдневно практикувам кондициони вежби. Омилен спорт ми е фудбал, а омилен спортист Горан Пандев.

5. За крај, што би им порачале на читателите на среќа.мк? Кое е вашето животно мото?

Соочувајте се со предизвиците во животот, барајте решенија и одговорите, не очајувајте. Не се осамувајте, туку и маката и среќата споделувајте ја со оние што ќе знаат да ве разберат и ќе знаат со искреност да пристапат. Надградувајте се: читајте, информирајте се, за да знаете да расудувате и да не дозволувате да бидете наведувани. А особено и најмногу од сѐ – учете ја и живејте по принципите на Евангелието и верата во Господ.




Коментари

коментари