Категории

#365Среќа Снеже Велков: „Среќа е да имаш слобода да се чувствуваш добро во својата кожа“

Инспиративна, сестрана личност, присутна на ТВ екраните долги години, успешно остварувајќи се како водителка во различни проекти. Но, покрај тоа, таа одлично ја користи социјалната платформа Инстаграм за да ја мотивира пошироката јавност да #БЛЕСКА. За пораката која ја крие #БЛЕСКАЈ, за физичката активност, среќата и уште многу важни теми од нашето секојдневје, во ова издание на #365среќа разговараме со Снеже Велков.

1. Живееме во време кога социјалните мрежи се многу повлијателни од телевизијата. Иако те запознавме преку многубројните емисии и големи проекти, моментално твојот инстаграм профил е вистинска инспирација за сите кои сакаат да се мотивираат, да добијат идеја за вкусен оброк и пред сѐ да вежбаат. Дали сметаш дека си инспирација за многу жени и девојки и колку ти значи тоа?

Мојата идеја со инстаграм профилот, а пред се со нишката која се провејува низ него – #БЛЕСКАЈ е: Блескај не да го засениш другиот, туку да го натераш да блеска заедно со тебе. Готви не за да го засениш другиот, туку да го натераш да готви заедно со тебе, читај не за да се направиш паметен туку, да го натераш и другиот да чита… Ако успеам да мотивирам секој ден по само еден човек тоа годишно би било 365 луѓе што како бројка е извонредна, а замислете и тие 365 да мотивираат по еден – така создаваме синџир на промена на подобро.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Velkov Sneze (@velkovsneze)


Со оваа моја „Блескај мисија“ ќе заклучам дека: Индивидуалниот раст и промени се добри, но ако тоа не се случува со твојата околина тогаш ризикуваш да станеш: „Ау ама си се променил“, а со тоа и чудак и неподобен, а неретко и отфрлен од средината или друштвото каде си бил пред „да се промениш“. Или од оние кои не напреднале да бидеш осуден дека си надмен, дигнат, арогантен и слично… што секако те прави неподобен.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Velkov Sneze (@velkovsneze)


Затоа инсистирам на заедничка мотивација и инспирација и заеднички раст и развој. Јас имам одговорност пред моите следачи, а од друга страна, гледам дека и тие некако се чувствуваат одговорни да одговорат на предизвиците или да ја споделат мотивацијата… Така што им благодарам што заедно растеме се мотивираме и се подобруваме.

2. Последен проект во кој имавме можност да те гледаме беше „Вип на еден ден“ – емисија преку која успеа да ја вратиш самодовербата и насмевката на многу луѓе. Дали ќе продолжиш со овој проект или пак подготвуваш нешто ново?

Жалам што тој проект беше прекинат заради глобалната пандемија и жалам што останавме недоречени во некои приказни. Но, драго ми е и дека остваривме многу желби и создадовме многу насмевки, драго ми е што поместивме многу граници и покажаме дека може и поинаку и подобро и поквалитетно… И физички и ментално креиравме насмевки, бевме во Турција и направивме оперативен зафат, успеавме да донесеме вода и да направиме купатило во куќа каде никогаш го немало, подаривме бурми и венчавка на брачен пар, одмор на мајка со деца, направивме за прв пат јавна ДНК анализа… И драго ми е дека инспириравме и други луѓе да почнат со слични проекти за враќање на насмевката кај луѓето.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Velkov Sneze (@velkovsneze)


За жал, до комплетно стабилизирање на ситуацијата и тргањето на маските ВИП на еден ден не може да продолжи оти нашата цел е широка насмевка и среќни лица кои за жал позади маска не можат да се видат.

Тој проект ќе почека подобри времиња. А новиот ќе се појави побрзо, но што очекувате.

3. Што е потребно за среќа?

За среќа е потребна слобода. Слобода да можеш да се движиш, слобода да можеш да бидеш со кого сакаш и каде сакаш, слобода да можеш да кажеш не, слобода да носиш одлука, слобода да си купиш што сакаш, слобода да избереш каде да се лечиш, да се школуваш, слобода да одбереш каде да јадеш и каде сакаш да спортуваш.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Velkov Sneze (@velkovsneze)


Среќа е да имаш слобода да се чувствуваш добро во својата кожа (без објаснувања и без правдања).

4. На твојот инстаграм профил може да се забележи и дека си голем љубител на книгите. Кои се твоите три омилени книги?

Колку повеќе книги читам толку повеќе имам омилени и секоја следна ја сакам повеќе од претходната  но ајде да издвојам три:

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Velkov Sneze (@velkovsneze)


1. Твојот втор живот започнува кога ќе сфатиш дека имаш само еден- Рафаела Жордано – Дури и да не ја прочитате книгата насловот е доволно поучен

2. Намести си го креветот –Вилијам Х.Мекрејвен –Во неа низ неколку поглавја ќе видите колку војничката дисциплина и ред можат да те направат и подобар и похрабар и поуспешен човек. Утрото на секој војник му почнува со добро завршена работа – наместен кревет. Поука која треба да ја применуваме – нека денот ни почне со добро завршена работа за да понатаму во денот имаме и елан и мотвација да истраеме.

3. Садгуру – Чудниот Јогин кој ќе ви ги разбие сите предрасуди за јогата ќе ве искара ако го наречете пророк или месија и на најпростиот начин  полн со хумор ќе ви објасни како функционира човечкиот мозок и тело-Исто како компјутер. Препрачувам да го побарате и на Youtube -неговите предавања се склоп од возвишен хумор и совети и фантастични решенија.

5. Како изгледа еден твој ден?

Наутро сум забрзана снимка – брзина да се извози или извежба тренингот пред да дојде време да се будат децата за во школо, еуфорија, натегање, гужви пред ВЦ, организација, селекција на облека, храна, трка да се стигне на време.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Velkov Sneze (@velkovsneze)


Напладне сум снимка со нормална брзина во која вклучувам мудрост, носење одлуки, совети и делегирање на моето работно место како Маркетинг менаџер во Вработување.ком.

А навечер сум успорен филм книга и топло ќебенце. И така секој ден.

Викендот е се сведува на успорен филм со примеси на утрински тренинг и пладневно кулинарско шоу.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Velkov Sneze (@velkovsneze)


6. Кои се зборовите кои те мотивираат и ти влеваат оптимизам во моменти на двоумење и страв од неуспех?

Признавам ги има и стравовите и двоумењата. Понекогаш ги игнорирам и терам напред, некогаш ги прескокнувам, некогаш се бориме, а некогаш знаат да ме совладаат. Но, многу ми е важно дека во сите моменти сум свесна за тоа што ми се случува. И да знаете дека не мора секогаш да се охрабрите, секогаш да бидете оптимисти- понекогаш е добро да оставите нештата да течат така како што ги носи „водата“, оти понекогаш храбрењето и оптимизмот (ако нешто баш не оди) може да ве доведат до големо разочарување.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Velkov Sneze (@velkovsneze)


Така да важно е да бидете свесни, да се надевате на најдоброто, но, да бидете спремни и ако се случи најлошото. Ако треба да објаснам сликовито: Иако надвор пука сонце, едно џемперче во ранец е секогаш добро да имаш, за не дај боже. Ако задува ќе си го облечеш, ако не  -шибај по сонцето. Ако се разбираме.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Velkov Sneze (@velkovsneze)


А ако ви треба некоја мисла тогаш оваа е онаа во која сум се уверила и кај себе и кај многумина -„Можеш повеќе отколку што мислиш дека можеш“!

Прегледи:
601
Објавено на:
25.10.2021