Чек дис аут
Search


#365среќа Тамара Тодевска: „Доаѓаат убави и креативни времиња за мене и мојата публика“

Огромна енергија, неверојатни вокални способности, талент и хитови кои допираат до секого како поради текстовите така и поради извонредната интерпретација. Кога зборуваме за квалитетна македонска музика, тогаш сигурно мислиме на Тамара Тодевска.

За усогласувањето на приватните со професионалните обрски, за среќата и нејзините идни планови, разговараме токму со неа во ова издание на #365среќа.

Твоите настапи се секогаш дочекани со големо воодушевување кај публиката која во еден глас ги пее твоите добро познати хитови. Како успеваш да ги усогласиш приватните со работните обврски?

Многу професии вистински го заслужуваат ова прашање, бидејќи на една жена која оди осум часови на работа секако не и е сеедно без помош да совлада сè. Јас имам среќа да живеам на неконвенционален начин или како народот тоа го вика „уметнички“ што во суштина и е уметнички процес. Тоа значи дека имам слободно време и можам со најблиските да се договорам за распоред на обврските. Затоа македонските жени се мои хероини затоа што постигнуваат сè и сеуште се борат голем дел од домашните работи да не ги делат на машки и женски.

Што е следно што можеме да очекуваме од тебе на професионално поле?

Мојата кариера која трае од детството сега е во својот најзрел уметнички момент. Многу сум свесна за убавините и потешкотиите поминати низ овие години. Затоа уживам во тоа што мојата кариера е втемелена на сцената со квалитет. Така што, одам по мојот инстинктивен пат. Тоа значи време е за нов албум и нови хитови. Мојата ќерка е доволно голема да може со сопругот да ја споделиме грижата и без стрес да заминам на настап и во студио. Доаѓаат убави и креативни времиња за мене и мојата публика.

Среќата е емоција која што може да се дефинира на многу начини. Што претставува среќа за тебе?

Од утринската насмевка на мојата ќерка до бакнежот за добра ноќ од мојот сопруг, се помеѓу што ме прави спокојна и мотивирана за работа или квалитетно поминато време со најблиските, за мене е среќа. Но, животот не е само тоа, па затоа сум среќна и кога некои конфликти или препреки се завршуваат со компромис и квалитетно решение. Среќата е нешто што сметам дека самите го создаваме.

На големата листа на изведувачи од регионот и од нашата земја за претстојниот фестивал Ентер Фест се наоѓа и твоето име. Со оглед на тоа дека станува збор за голем петдневен музички спектакл, која е твојата порака до сите љубители на фестивалите од овој вид?

Мојата порака е: Долги години чекавме на ваков сеопфатен музички спектакл и можност младата публика на еден сосема поинаков начин да ужива во македонската музика. Не пропуштајте ја шансата да бидете дел од првиот Ентер Фест и заедно со нас да ги пеете рефрените на хитовите кои највеќе ги сакате.




Коментари

коментари