Категории

#365среќа Тина Мицковска: „Бидете совесни и научете ги дечињата од мали нозе дека животните не се играчка, туку живи и свесни битија исто како и ние луѓето“

Кога ќе ја пронајдете работата која ве исполнува, тогаш таа прераснува во задоволство, а не обврска. Тина Мицковска освен што е портпарол на ЗОО Скопје, таа е голем љубител на животните, се грижи за нив и секојдневно им дава многу љубов и внимание. За нејзините активности околу Зоолошката градина во Скопје, дружењето со многубројните животни, среќата и идните проекти разговараме во ова издание на #365среќа.

1. Во изминатиот период, очигледна е промената која настана во водењето на Зоолошка Градина Скопје, како и големиот број активности и настани кои се случуваат во неа. Колкав е твојот придонес како портпарол на ЗОО Скопје во целиот процес и како изгледа еден твој работен ден?

По потреба, освен портпарол сум и редар, обезбедување, хортикултура, Зоо негувател, хигиеничарка, едукатор, хостеса, волонтер за викенди, шофер, келнер, бејбиситер, хаус мајстор, Брза помош, аниматор, па дури и лоша тетка :) Всушност, така функционираме едно 10 души во Зоолошка. Од кога започна пролетта, секој ден е исполнет со низа активности, како садење нови садници и пошумување на Зоолошка, вдомување на повредени животни и нивна рехабилитација, соработка со невладини организации, еколошки друштва, здруженија за заштита на животните, како и соработка со општествено одговорни компании кои донираат и помагаат во разубавување на Скопје ЗОО.

2. Посетеноста на Зоолошката градина расте постојано, рушејќи ги своите сопствени рекорди. Нови животни, реновирање, нови проекти за најмладите и уште многу други фактори придонесоа ЗОО Скопје да прерасне во една современа зоолошка градина. Што може да очекуваат посетителите во иднина?

Периодов сме сконцентрирани највеќе на реновирање на живеалиштата и исполнување на сите услови кои се потребни за да станеме членка на ЕАЗА, што е своевидна Европска Унија за Зоолошки. Кога ќе бидеме дел од оваа организација, ќе имаме и повеќе репродуктивни животни, ќе се грижиме за зачувување на видовите кои се загрозени, како и помагање на дивиот свет во природата преку разни проекти и едукативни настани. За крајот на пролетта се планирани нови живеалишта и нови животни, некои и за првпат во Скопје ЗОО. Во почетна фаза е и проектот за Дино Паркот кој верувам дека ќе биде не само најголема атракција во државата, туку и надвор од неа и ќе привлече многу (аван)туристи.

3. Среќата како емоција секој од нас ја доживува на различен начин. Што те прави тебе среќна?

Ме прави среќна секое спасено животно од сигурна смрт, секое животно кое што успеваме да го направиме среќно и весело иако е во заробеништво. Секое животно за кое сметам дека не припаѓа во Зоолошката и сме успеале да му најдеме сооодветно место во природа, односно во национални паркови и резервати. Надвор од Зоолошката, среќна ме прават сите вдомени и излекувани бездомни кучиња и мачиња за кои со многу активисти секојдневно се бориме.

4. Велат дека животните се најдобрите пријатели на човекот, а како поминува времето сѐ повеќе сфаќаме дека тоа е вистина. Можеш ли да издвоиш едно животно од Зоолошката градина кое ти е омилено и со кое обожаваш да поминуваш време?

Во никој случај не би можела да одвојам само едно. Сите се преслатки на свој начин, но нормално е со дел од нив да имам поголема комуникација. Сега имаме Ара папагалка која е млада и доста учи. Веќе кажува повеќе зборови- Здраво, Чао, врата, имитира смеење кога ќе се насмееме гласно. Ја научив се, освен да кажува Тина. Тоа од инает не сака да го научи :) Покрај неа, тука се и четирите верверички кои се најслатко нешто на планетата и со колешката Кате постојано ги „гњавиме“. Жирафите, лемурите, нилскиот коњ Буцо, макаки мајмуните Мики, Мима и нивните деца, какадуто Ага, кенгурот Пикси… До утре би набројувала, но треба да набројам околу 500 животни за да ја опфатам цела листа на омилени :)

5. Која е твојата порака до сите посетители на ЗОО Скопје?

Сакајте ги животните, тие знаат да ви пружат многу љубов, само треба да им ја возвратите. А за да ја покажете вашата љубов кон нив, оставете го нивното хранење на стручните лица кои се грижат за животните. Не ги вознемирувајте, не им тропајте по стаклата и оградите и не им го валкајте живеалиштето со отпадоци. Бидете совесни и научете ги дечињата од мали нозе дека животните не се играчка, туку живи и свесни битија исто како и ние луѓето. Дека и тие имаат чувства, емоции и интелигенција. Секако, доколку можете вдомете и некое бездомно кученце или маче од улица. Да спречиме нивна масовна појава по улиците, која за жал најчесто завршува лошо за нив.