#365среќа Влатко Лозаноски: „Кога работите со љубов, без притисок и со вистинскиот тим, песната полесно допира до слушателите“

Веќе десет години македонската публика ужива во неговиот глас, интерпретација и хитови кои се паметат. Од почетокот на неговата кариера, ги освои слушателите со својата ненаметливост, огромен талент, па поради тоа секоја негова песна е на врвот на топ листите.

За почетоците, идните планови во музиката и убавите нешта кои го прават животот вреден, разговараме со македонскиот пејач Влатко Лозаноски.

1. Ти благодариме што одвои време да поразговараш со нас токму на твојот роденден и целиот тим на среќа.мк ти го честита роденденот со најискрени желби за уште многу успеси, среќа и љубов на секое поле. За почеток, би те запрашале како ќе го направиш ова лето вредно за паметење?
– Ви благодарам за честитките… Во врска со плановите за ова лето, имам во најава промоција на нова летна песна насловена “Јако, Јако”. Се надевам дека можеби токму оваа песна ќе биде причина плус да се запамети ова лето по добра и квалитетна музика.


2. Твојот талент и емоција која ја пренесуваш на сцената беше забележана уште од самите почетоци и оттогаш па се до денес успешно ја пренесуваш на публиката која ја обожава твојата музика. Како започна твојата љубов со музиката и кога сфати дека тоа ќе биде твојата професија?
– Уште од моето прво запознавање и осознавање на музика, а потоа и со запознавањето со инструментите кои уште повеќе ме воведоа во светот на музиката, станав сигурен дека музиката е мојата професија. Таа за мене истовремено е и работа и задоволство, а нема ништо поубаво од тоа да го работиш тоа што го сакаш.

3. Еден од твоите хитови, нумерата „Мандарина“ е прогласена за најемитуван рефрен за 2017 година, а освен со оваа композиција, нескромно можеш да се пофалиш и со многу други кои веднаш ја освојуваат публиката и се паметат долго. Која е тајната на создавање и интерпретирање квалитетна музика особено во време кога македонската музичка сцена е во одредена стагнација?
– Кога се работи со љубов, без непотребниот притисок дека мора одредена песна да биде хит, кога се работи со луѓе и со тим каков што имам, тогаш е многу полесно песната да дојде до срцето на слушателите.


4. Велат дури и да имаш се во животот, доколку немаш среќа, никогаш нема да се чувствуваш целосно исполнет. Среќата е релативен поим и има различно значење за секого. Што е она што те прави тебе среќен?
– Секој ден поминат со луѓе кои те прават среќен, исполнет, позитивен… често ситниците, малите работи, скромните гестови ме прават најсреќен. Секојдневието речиси никогаш не ми поминува без кафе, уживам додека го конзумирам, без музика, без спорт…


5. За крај, би сакале да ни откриеш кои се твоите идни планови на професионално поле и што може да очекува македонската публика од тебе?
– Публиката со сигурност може да очекува многу квалитетна музика, која се надевам ќе биде прифатена со големо задоволство како и сите претходни мои песни.




Коментари

коментари