Категории

59 лица сместени во „Ибис Стајл“ – „Аџибадем Систина“ дава и медицинска поддршка

Завчера во доцните вечерни часови во хотелот „Ибис Стајл“ (поранешна Мала Богородица – Систина) се примени првите луѓе кои е потребно да се во изолација односно во карантин. Станува збор за приватен капацитет кој на располагање на државата го ставија „Орка холдинг“ и „Аџибадем Систина“. Од синоќа таму се сместени 59 лица кои во земјава влегле на Деве Баир и од Косово. Во хотелот се и 6 полицајци кои ја обезбедуваат локацијата и 16 вработени кои се менуваат на смени 24/7.

Собите во хотелот се целосно опремени според барањата и потребите за згрижување граѓани кои треба да се во изолација. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ обезбедува и медицински персонал, поддршка и опрема. За лицата ќе биде обезбедена и храна. Освен редовна контрола на пациентите, за итни случаи докторите на „Аџибадем Систина“ ќе стојат целосно на располагање и ќе доаѓаат на повик. Лицата со симптоми на Ковид 19 ќе бидат пренесувани со асистенција на Министерството за здравство во Инфективната клиника. Согласно ова, 4 лица кои вчера вечерта имаа покачена температура на проверката, веднаш беа испрати во Инфективната клиника.

“Орка холдинг“ и „Аџибадем Систина“ им се заблагодарува на вработените кои покажуваат висока морална свест, лојалност и солидарност и несебично се вклучени сега кога најмногу е потребно. За нив е обезбедена заштитна опрема од Клиничката болница „Аџибадем Систина“

Како што веќе известивме двата хотели Ибис Скопје – „Ибис Центар“ и „Ибис Стајл“ имаат капацитет од 214 кревети, од кои 51 во двокреветни соби, 101 во еднокреветна соба и 3 соби се за луѓе со посебни потреби. Хотелите располагаат и со 6 фамилијарни соби. Овие капацитети беа ставени на располагање без претходни услови, но сепак се заблагодаруваме на соработката со владиниот кризен штаб и известуваме дека трите оброци за изолираните лица ги обезбедува државата во вредност од 600 денари по лице. Сите останати трошоци за сместување, вработени и медицинска поддршка ги покрива Орка холдинг“ и „Аџибадем Систина“.

Прегледи:
451
Објавено на:
24.03.2020