Категории

6 предлози за непопуларни, но одлични серии!

Со сѐ поголемата достапност на онлајн streaming медиуми, како Netflix, Amazon и други, сѐ позапознати сме со квалитетни, нови серии. Не за џабе, последните неколку години се сметаат за Златното доба на телевизијата.

Но, секако дека некои серии се попопуларни од други. Непопуларноста не се должи секогаш на лош квалитет на некоја серија. Фактори како вклученост на познати актери, поголем буџет и поизразен маркетинг, многу често влијаат врз експонираноста на некоја серија кон јавноста. Поради тоа, направивме листа од шест серии кои не се многу популарни, но се многу содржински квалитетни. Сите шест предлози се за серии со оцена над 8 на IMDb, што зборува само за себе.

1. Sharp objects

IMDb оцена: 8.2

Број на сезони: 1 (завршена)

Во Sharp objects, репортерката Камил се враќа во градот во кој пораснала, да направи репортажа за неодамнешно убиство. Враќајќи се дома, таа се соочува како и со лични демони од минатото, од семејни драми до нејзината дискутабилна репутација; така и со многу нерасчистени и мистериозни околности околу убиството.

2. Atypical

IMDb оцена: 8.3

Број на сезони: 2 (незавршена)

Atypical го следи животот на Сем и на неговото семејство. Сем е тинејџер кој е на аутистичниот спектар, па низ лесна драма се покажуваат предизвиците со кои се соочуваат лицата на спектарот, како и проспособувањата што неговото семејство ги прави околу него.

3. The Marvelous Mrs. Maisel

IMDb оцена: 8.8

Број на сезони: 2 (незавршена)

Мирјам (Миџ) Мејзел е типична домаќинка од угледно еврејско семејство и живее во 50-тите години во Менхетен. Совршениот живот ѝ се распаѓа неочекувано, и таа станува стенд-ап комичарка. Хуморот што го поседува оваа серија е толку уникатен, што не е споредлива со ниедна друга од овој жанр.

4. Barry

IMDb оцена: 8.3

Број на сезони: 2 (незавршена)

Бери е сериски убиец кој повеќе не се пронаоѓа во својот избор за кариера, па се обидува да стане актер. Криминалниот живот и неговото жонглирање помеѓу обврските како убиец и часовите по театар, се покажани на еден комичен начин, па серијата е одлична за секој кој сака малку темен хумор.

5. Please like me

IMDb оцена: 8.5

Број на сезони: 4 (завршена)

Серијата започнува така што Клер, девојката на протагонистот, Џош, му раскинува, бидејќи сфатила дека Џош е геј. Џош не се согласува на почеток, но потоа сфаќа дека хомосексуалноста само ја затскривал, и сега решава да го живее животот како геј дечко. Серијата е австралиска, што значи дека стилот на снимање и самото сценарио, можат на почеток да Ви се чинат како далечни, меѓутоа е толку топла и искрена, и има толку автентичен хумор, што за брзо станува зависност.

6. Catastrophe

IMDb оцена: 8.2

Број на сезони: 4 (завршена)

Роб, кој е Американец, доаѓа во Лондон и има неколкудневна авантура со девојка од Ирска, Шерон. Шерон по некое време дознава дека е бремена, па Роб се доселува во Лондон и решаваат да останат заедно и да оформат семејство. Серијата на лесен и хумористичен начин покажува како иако врската им започна како сексуална авантура која ги остави со дете; таа порасна во многу вистинска љубов.

Прегледи:
160
Објавено на:
27.08.2019