Македонскиот актер Ертан Шабан, кој професионално и емотивно е врзан за Турција откако со години работи на турски филмски и телевизиски проекти, и пред две години стана турски зет, деновиве заедно со сопругата, познатата актерка Ебру Озкан се реализираа како родители.
Имено, Шабан и Озкан на 12 јануари станаа родители на прекрасната ќеркичка, која го доби името Биричик или во превод од турски „Единствена“.
Актерот Ертан Шабан на нашата поширока јавност и е познат по улогата на Александар Македонски во серијата „Збогум Румелија“.
Тој пред две години се ожени со турската актерка Ебру Озкан, позната по улогата на Халиде во серијата „Имотот на дамата“, како и по улогата на Дилара во актуелната хит серија на Сител „Парампарче“.
Турските медиуми јавуваат дека мајката и новородената ќерка се чувствуваат одлично.