УАКС е единствената приватна високообразовна институција која нуди докторски студии во земјава. Може ли да ни кажете повеќе за програмите?
УАКС не е само единствениот приватен универзитет, туку единствениот универзитет кој нуди висококвалитетни – според западни и американски стандарди – докторски студии во четири области: економија, бизнис администрација, деловно право и информациски системи и менаџмент. Моментално докторската школа има 29 активни студенти, а сега е активен и конкурсот за упис на петтата генерација. Особено сме горди на првата ДБА (доктор по бизнис администрација) програма која е уникатна по својата природа, а инспирирана од американските програми од ваков тип, кадешто студентите решаваат конкретни бизнис проблеми во склоп на научна парадигма и ригорозна методолошка рамка. Тоа нѐ инспирираше да понудиме близок модел и во останатите области, и всушност така да ја изградиме целата докторска школа. Во тој модел студентот поминува низ повеќе фази од научното истражување, почнувајќи од методолошка и тематска обука, подготовка на истражувачки предлог, учество на меѓународна конференција, меѓународен истражувачки престој, публикација во меѓународно списание и, на крајот, одбрана на докторскиот труд.
Една од препознатливите карактеристики на УАКС е начинот на кој се изведува наставата и вештините кои се поттикнуваат. Може ли да ни кажете нешто повеќе околу ова?
На УАКС фаворизираме систем во којшто студентите учат конкретни вештини, наместо апстрактни и главно – неприменливи знаења. И на докторското ниво го задржавме истиот препознатлив пристап, со фокус врз студентите, со практична примена на знаењата и со поттикнување придонес кон научната мисла. Ние сакаме јазот помеѓу она што студентите го стекнуваат како научено знаење и она што работното место го бара од нив, да биде што е можно помал и идеално да не постои. И, во тоа значајно успеваме.
Каков е пристапот на учење во чиј центар е студентот?
Генерално, а особено на додипломските и магистерските студии, самата настава е така поставена што поттикнува критичко размислување, работа со реални бројки и студии на случај, посета на компании и институции кадешто директно може да се учествува во бизнис окружувањето, практична работа и сл. Ќе споменам неколку конкретни примери. Благодарение на американската акредитација, целокупната настава се базира на т.н. participant-centered learning метод, според кој наставникот е само поттикнувач и олеснувач на процесот на учење, а главниот збор во училницата го има студентот. Повеќето од наставниците на УАКС се обучени за работа според методот „студија на случај“ од Харвард Универзитетот. Нашата библиотека редовно е опремена со најновите студии на случај кои наставниците ги интегрираат во своите модули. Потоа, УАКС има Деловен совет којшто го сочинуваат голем број признати и познати луѓе од бизнис светот. Тие често учествуваат во наставата како гости-предавачи, а на крајот од студирањето овозможуваат и врска на нашите студенти со компаниите во кои тие се вработуваат. Во таа смисла, вработливоста на студентите е мошне висока. Ако се изземат оние студенти кои го продолжуваат студирањето на магистерските и МБА студиите, тогаш вработливоста на студентите е и над 90%.
Овој пристап е поразличен од она на што обично сме навикнати. Но, како тој изгледа на докторски студии?
На докторските студии студентот и менторот учат еден од друг, бидејќи студентот навлегува во тесна нишка од избраната научна област, во која менторот дава методолошка поддршка и водство. Но, менторот не е ‘сезнаен’, и мислам дека токму тоа ги прави нашите студенти високорафиниран финален производ. Веќе оваа есен ги започнавме подготовките за акредитација на докторските студии кај Американскиот совет за бизнис програми (ACBSP), кадешто се акредитирани нашите дипломски и постдипломски студии, и од каде исцрпивме многу вештини и техники на пренесување на знаењето, како професори и како универзитет во целина. Ова е многу важно, бидејќи ACBSP предвидува дека најпрво една програма треба да заокружи еден циклус, а дури потоа да биде предмет на разгледување за потенцијална акредитација. Ние сме горди што веќе имаме четири генерации на докторанти, пришто од првата генерација веќе имаме седум доктори на науки, кои сега се висококонкурентни на домашниот и на глобалниот пазар.