Категории

Среќата не може да се дефинира еднозначно и никој не може да ни наметне дефиниција за среќа

Среќата не се гради врз темелите на некое квазисовршено дејствување, туку врз темелите на несовршенството кое е совршено оригинална идеја. Секој човек несовршенството го конституира во својот ум на посебен начин.

Општеството со своите морални норми наметнува општоприфатлива дефиниција за среќата, односно во општеството се наметнува општо прифатен модел за среќата според кој среќата е способност да стекнеш пријатели, да заработиш пари и да си обезбедиш повисоко место на општественото хиерархиско скалило. Но, кога подлабоко ќе размислиме стекнатите пријатели за кои мислиме дека ни се пријатели можеме да ги изгубиме, парите можеме неосетно да ги потрошиме, а високото место на општественото скалило не ни е гаранција дека таму ќе останеме засекогаш.

Среќата нема никаква врска со конформизмот и таа постои само во нашите умови. Никој не може да ни наметне дефиниција за среќа. Среќата секој човек ја доживува различно и таа претставува индивидуално доживување на стварноста. Сите ние имаме различни интереси па и различни дефиниции за среќата. Човекот е слободен сам да избира и да се определува.

Животот е среќа. Да бидеш жив е среќа затоа што и човекот кој во животот има поголем број негативни искуства е среќен. Самиот живот како феномен е неповторливо позитивен факт.

Среќата се гради и надградува со упорност и сталоженост, затоа што самата среќа е рајска птица со нежни крилја која ние можеме да ја припитомиме – не ако трчаме по неа, туку ако полека и мирно и се доближиме и и дозволиме да слета на нашата дланка.

Во таа смисла животот е потрага по среќата како трајна вредност и будење на свеста од мрачниот сон на илузијата, кој нас не спречува во нашиот лет кон непознатите височини на духот.

Прегледи:
816
Објавено на:
20.04.2021