Православните христијани на Бадник, вечерта наспроти Божиќ, во домот внесуваат бадниково гранче односно го украсуваат домот со бадникови гранки кои всушност се дабови гранчиња.Традицијата на украсување на домот со бадниковото гранче се забележува уште од 4 век.
Неизбежниот симбол на Бадник е бадниковото гранче кое го симболизира здравјето, го слави животот и вечната среќа. Бадниковото гранче е токму гранче од дабово дрво бидејќи уште од дамнина овие дрва се сметаат за најиздржливи и највековити.
За разлика од другите листопадни дрва,со почетокот на есента листовите од дабот ја менуваат својата боја но повеќето од нив се задржуваат на гранките во текот на зимата.
Според народните верувања, токму со ова дрво праведниот Јосиф запалил оган за да го затопли штотуку родениот Исус и неговата мајка Марија.
Бадниковото гранче уште се нарекува дрво на животот, исто како она дрво на животот во рајот што симболично дава вечност. Како што дабовото дрво најдолго држи жар, така оној што ќе си постави во домот верува дека го чека вечен живот дури и по смртта.
Бидејќи дабот симболизира долговечност, здравје и издржливост народните верувања велат дека со внесување на дабовите гранчиња во домот неговите особини ќе се пренесат на сите оние луѓе кои што живеат во тој дом.