По поразот во финалето од СЕХА лигата, Вардар и Веспрем ги очекува нов двомеч. Нашиот првак в сабота ќе го пречека Европскиот вицешампион во „Јане Сандански” во првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите.
„Веспрем е одличен тим и затоа ние мора добро да играме во одбраната. Ако сакаме да успееме мора максимално да одиграми во сите 60 минути пред реваншот во Веспрем. Играчите имаат голема желба, треба да имаме и самодоверба затоа што сакаме да се пласираме на Ф4.“ – изјави тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.
Вардар во дуелот со Веспрем ќе влезе без повредениот Филип Лазаров, останатите се подготвени за саботниот предизвик, потврдија од таборот на црвено – црните.
„Неколку пати игравме сезонава и мислам дека добро се познаваме. Им ја препуштам фаворитската улога, ќе биде многу тешко но се согласувам со Раул дека одбраната ќе го реши победникот.“ – изјави пикерот на Вардар, Стојанче Стоилов.
Натпреварот Вардар – Веспрем ќе се игра в сабота со почеток од 16 часот а реваншот е закажан за 30 април во Веспрем.