Категории

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ НЕМА ДА НУДИ НЕОДОБРЕН И НЕПРОВЕРЕН ТРЕТМАН ЗА КОВИД-19

Во последниот период се презентирани низа случаи во јавноста за успех во лекувањето на пациенти со Ковид- 19 со примена на хемофилтрација во друга приватна болница кои предизвикаа реакции, прашања и оправдан интерес за реалната ефикасност на овој експериментален третман кај пациентите болни од Ковид-19.

Во однос на ова прашање, од името на групацијата „Аџибадем“, од целиот стручен тим на „Аџибадем
Систина“, сите реномирани, докажани специјалисти во своите области и како болница која секогаш
обезбедува врвна грижа и беспрекорен третман за своите пациенти имаме одговорност транспарентно да се
обратиме до јавноста.

Досега, во светски рамки не постои препорачан концепт на лекување на пациентите со Ковид-19 кој го
вклучува методот на хемофилтрација. По темелни истражувања на оваа тема не наидовме на ниедно
експертско, стручно мислење или доказ дека лекувањето со хемофилтрација е препорачан или ефикасен
метод за општа употреба, а уште помалку дека истиот е медицински докажан и оправдан.
Побаравме и стручно мислење од моментално најрелевантната институција и стручниот тим на Клиниката за
инфективни болести и добивме одговор дека нашите сознанија кореспондираат со мислењето на стручниот
тим на инфектолози – се работи за третман кој нема никаква научна подлога во лекувањето на Ковид-19.
Во името на целиот медицински тим од „Аџибадем Систина“ се обративме и до Министерството за здравство
со прашање – дали овој вид на експериментален третман е одобрен од Министерството за здравство при
лекување на пациентите од Ковид-19, но оттаму не добивме никаков одговор.
Во „Аџибадем Систина“, пациентите кои се примени за друга интервенција, а кај кои е дијагностициран
Ковид-19 се третираат според сите протоколи и препораки на Светската здравствена организација за нега на
пациенти инфицирани од овој вирус.
Бидејќи не постои ниеден оправдан доказ за користење и ефикасност на оваа метода, која активно веќе се
користи во друга приватна болница и се наплатува 12.000 евра, ние како високо профилирана здравствена
установа која секогаш нуди највисок квалитет при третман на пациентите одлучуваме да не понудиме
неодобрен и непроверен начин на лекување за нашите пациенти.
Доколку овој вид на третман е докажан лек за пациентите со Ковид-19, веруваме дека светот немаше да се
соочува со десетици илјади жртви секојднeвно.
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ поседува врвна опрема за хемофилтрација, филтри од најдобриот
светски производител „Fresenius“ и високообучен, експертски тим кој е подготвен активно да се вклучи во
овој процес и да го направи достапен за широка маса пациенти, но единствено доколку овој третман
претходно добие медицинска потврда и оправданост и истиот биде препорачан од релевантни институции
како соодветен и ефикасен метод за лекување на пациенти со Ковид-19.

Прегледи:
451
Категории:
Здравје
Објавено на:
14.07.2020